Словенија е на прво место по еднаквоста меѓу половите, Казахстан води по самоубиствата, САД се земја со најмногу затвореници по глава на жител, а Швајцарците имаат најголема благосостојба, се наведува во годишниот извештај на Програмата на ОН за развој.
Во извештајот се прави рангирање на 187 земји, врз основа на критериумите како здравје и долговечност на народите, образованието и приходите и лична сигурност.
Од 1990 година тие критериуми се собирани во индексот на агенцијата за човечки развој
Подобрувањата во показателите како продолженост на животниот век, образованието и приходите се забавени поради природни катастрофи, лоши политики и зголемување на нееднаквоста во светот, во кој 85-те најбогати луѓе располагаат со толку богатство, колку најсиромашните 3,5 милијарди.
Извештајот ја става Норвешка на прво место во индексот на човечки развој, по што следуваат Австралија, Швајцарија, Холандија и САД. Меѓу азиските земји води Сингапур (на деветто место), по кој следуваат Хонгконг и Јужна Кореја (на 15-то).
Последните пет места се за Сиера Леоне, Чад, ЦАР, Конго и Нигер. Надвор од рангирањето, поради недостиг или мало количество податоци се Северна Кореја, Сомалија, Јужен Судан и Монако.