Почна проширувањето на Партизанска

Од:

Градот Скопје денеска ги почна градежните работи за проширување на булеварот Партизански одреди кон црквата „Свети Петар и Павле“ во Ѓорче Петров, со изградба на кружен тек кај Порта Влае. Почетокот на градежните работи го означија градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски и градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Сокол Митровски.

Денеска почнуваме уште еден сложен градежен зафат кој ќе има позитивни придобивки за развој на овој дел од градот. На местото на постојната крстосница меѓу булеварот Партизански одреди и улиците Ацо Шопов и Ѓорче Петров во наредните денови ќе се формира нов кружен тек со дијаметар од 40 метри, односно коловоз од 9 метри, со заштитна патека од 1,5 метри и средишно зеленило. Кружниот тек ќе се состои од две сообраќајни ленти. По кружниот тек, гледано во насока кон Ѓорче Петров, булеварот Партизански одреди ќе се прошири до влезот во автобазата на ЈСП и ќе добие по три коловозни ленти во секоја насока, средишна жардиниера со ширина од 5 метри, а ќе се формираат и велосипедска патека со ширина од 2 метри и пешачка патека со ширина од 3 метри, покриени со бекатон-плочки. Ќе се обнови коловозот и на делот на булеварот Партизански одреди пред влезот во кружниот тек, како и делови од улиците Ацо Шопов и Ѓорче Петров. Булеварот Партизански одреди ќе се проширува во две фази. Ова е првата фаза од градежните работи – изградба на кружен тек и проширување на булеварот Партизански одреди до влезот во автобазата на ЈСП. Втората фаза ќе следува по експропријација на земјиштето и ќе го поврзе булеварот Партизански одреди со кружниот тек кај црквата „Свети Петар и Павле“. На проширениот дел од булеварот Партизански одреди и на кружниот тек ќе се постави ново осветлување. За одведување на атмосферските води од новиот кружен тек ќе се изгради атмосферска канализација. Градот Скопје во проектот за проширување на булеварот Партизански одреди кон Ѓорче Петров, со изградба на кружен тек, ќе вложи 50,5 милиони денари – рече градоначалникот Трајановски.
Трајановски додаде дека градежните работи се очекува да завршат за 120 работни дена.

Проширувањето на булеварот Партизански одреди со изградба на кружен тек ќе биде од голема корист за граѓаните што секојдневно ја користат оваа делница, ќе се скрати времето на задржување на семафор и ќе се намалат емисиите на издувни гасови од сообраќајот. Нашето досегашно искуство покажа дека за Скопје изградбата на кружни текови е идеално решение за намалување на сообраќајниот метеж – нагласи градоначалникот Коце Трајановски.
Премиерот Никола Груевски изрази задоволство од почетокот на овој капитален проект од кој придобивки ќе имаат сите граѓани што циркулираат по оваа делница.

Ова е уште еден од низата капитални проекти на Градот Скопје и на градоначалникот Коце Трајановски, кој се подготвуваше подолго време, но еве сега полека станува реалност – истакна премиерот Груевски.
На проширување на булеварот Партизански одреди кон црквата „Свети Петар и Павле“ во Ѓорче Петров, со изградба на кружен тек кај Порта Влае ќе работат екипите на „Бауер БГ“.

Би можело да ве интересира

АХВ нареди времено затворање на кујната во касарната „Гоце Делчев“

Горан Наумовски

Во Скопје се санираат штетите од синоќешното невреме

Повеќе од 12 часа делови од Скопје без струја

Од силниот ветер падна дрво и повреди жена во центарот на Скопје

Катерина Ѓуровски

Во Тетово и во Скопје уште се санираат последиците од невремето

Невремето остави хаос во Тетово, се санираат штети и во Скопје

Катерина Ѓуровски