Во јапонското гратче Рикузентакати, борот кој во март 2011 изненадувачки го преживеа катастрофалното цунами, неодамна е исечен, со цел да се зачува како симбол за обновувањето на градот.
Рикузентакати, туристичко место оддалечено 410 километри северно од Токио, во минатогодишниот силен земјотрес и појавата на цунами загуби 2.000 од 24.250 жители и речиси 3.400 куќи.
Борот висок 27 метри, кој за некое чудо ја преживеа катастрофата, осамен стоел на брегот, бидејќи големиот бран, кој го погоди североисточниот брег на архипелагот, искорна и однесе со себе 70.000 вакви дрвја кои биле посадени долж две километарското крајбрежје.
Градските власти неодамна забележиле дека борот се суши, имајќи предвид дека корењата предолго му биле во морската вода. За да го спасат, градските татковци одлучиле дрвото да се исече на девет делови и да се премачкаат стеблото и гранките за да се спречи гниењето. Ваквата иницијатива ќе ги чини градските власти 1,5 милиони евра.