Доколку до 16 септември, рокот што е поставен од просветниот инспекторат, не се отстранат таблите со новите имиња на четирите училишта во Чаир, ќе следуваат прекршочни пријави. Вака се закани министерот за образование и наука, Панче Кралев кој верува дека ќе се надмине оваа ситуација.
„Прво следуваат прекршочни пријави и законски рокови, а понатаму, доколку не се постапува, стојат и останатите механизми на располагање. Би сакал да истакнам дека верувам оти со чекорите што ги презема Инспекторатот и со комуникацијата која ја имаат со училиштата ќе се најде начин да се надмине ова прашање“, рече министерот Кралев.
Според него, на министерството не му е во интерес да дојде до барање за полициска асистенција за симнување на таблите.
„Нам како МОН не ни е во интерес, ниту ни била заложба, да дојде до еден таков чекор, ниту пак тоа ќе го сметаме како примарна алатка во надминување на овој проблем“, изјави Кралев.
На први септтември, еден ден откако беа сменети имињата на четирите училишта во Чаир, министрот Кралев изјави:
„Општина Чаир нема добиено согласнот за преименување на училиштата, бидејќи за тоа треба согласност за промена на нивниот статут од страна на министерството за обазование. Целата постапка е спротивна на законот и одразува недостаток на одговорност на општина Чаир во однос на нивните надлежности во сферата на образованието. Инспекторите се на терен и тие по увидот на состојбата ќе донесат соодветно решение за директорите на училиштата, казни за одговорните и препораки за остранување на таблите“.