„Антолог“ ги објави книгите „Врвна уметност“ од Рубен Фонсека и „Деликатно злосторство“ од Сержио Сант`Ана.
-И двајцата писатели се од Бразил, држава која освен фудбал има и прекрасни книжевни дела и автори од повеќе генерации. Досега ги имавме во превод на македонски само делата на Бразилецот Пауло Куелјо, а отсега уште двајца во светот мошне ценети писатели, велат од „Антолог“.
Првиот е Рубен Фонсека (1925), кој кариерата ја почнал како обичен полицаец кој потоа станал висок полициски комесар. Авторот не дава интервјуа, исто како и неговиот личен пријател од Америка, Томас Пинчон. Книгите му се полни насилство и секс, и ги сметаат за револуционерни во бразилската литература. Речиси сите современи бразилски писатели ја истакнуваат важноста на Фонсека. Во 2003 година ја добива наградата Камоеш, која се смета за најголема награда за автори кои пишуваат на португалски јазик. Самиот кажал дека писателот треба да има храброст да го прикаже она од кое повеќето луѓе се плашат.
„Врвна уметност“ е поглед кон подземјето на урбаното општество на Рио де Женеиро. Еден адвокат е ангажиран за случај на убиство на две проституки. Во својата истрага открива садизам, криумчарење на кокаин, сериски убиства. Романот со месеци се наоѓал на врвот на листата на бестселери во Бразил. Критиката, која со најголеми епитети се искажувала за Фонсека, на голема врата го пречекала делото, во Бразил и надвор од него. Според „Врвна уметност“ е снимен истиомениот филм на Валтер Салес во 1991 година.
„Приказната е како бескрајно патување со воз кој ја минува речиси цела држава, и тоа во вагон за спиење каде горниот кревет натежнува од двојките кои имаат секс“, изјавил за книгата славниот писател Марио Варгас Љоса
Вториот писател е Сержио Сант’Ана (1941), роден во Рио де Жанеиро. Спаѓа меѓу најпровокативните авторски имиња од Бразил. Претставник е на книжевната авангарда, поврзувајќи ги експериментот и новото. Цела една нова генерација бразилски писатели е под силно влијание на творештвото на Сант’Ана.
Неговиот роман „Деликатно злосторство“ е напната приказна на Антонио Мартинс, сместена во фантастичниот Рио. Тој е театарски критичар кој еден ден по игра на случајот (ако постои такво нешто) ќе се вплетка со Агнес, млада куца жена за која не знае речиси ништо. По долга потрага да ја најде повторно, Мартинс открива дека Агнес е модел на уметникот Бранкати и открива сигнали дека неговиот однос кон Агнес се движи меѓу татко и садист. Книгата е богата со теми: полициски заговор, страсна врска натопена во еротика, необичен однос меѓу уметноста и критиката, истражување на границите на силувањето.