Семејствата на повеќе од 500 жртви на масакрот во Сребреница, во Босна и Херцеговина, одбиваат своите најмили да ги погребаат на утрешната масовна церемонија на годишнината од нивната смрт, бидејќи биле пронајдени само дел од нивните останки.
Катрин Бомбергер, раководител на проектот за идентификување преку ДНК, соопшти денеска дека во последната година биле идентификувани повеќе од 700 лица, но утре ќе бидат погребани само 175 од нив.
Конвој со 175 табути, носила на кои муслиманите ги носат покојните, со посмртните останки на жртвите од геноцидот во Сребреница, попладнево стаса во Поточари, каде утре ќе бидат погребани.
Во меѓувреме, група невладини организации од Србија денеска побараа од највисоките државни власти во земјата, 11 јули да го прогласат за Ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница.
Барањето е упатено до претседателот на Србија, Владата и Парламентот со образложение дека тоа е исклучително важно поради враќањето на достоинството на жртвите, соочувањето со минатото, помирувањето во регионот и продолжување на европските интеграции.
Над 8.200 босански муслимани, мажи и момчиња, беа убиени на 11 јули 1995 година во Сребреница. Останките на жртвите се откриваат со текот на годините и се погребуваат на церемонија секоја година на 11 јули.
Извршителите на најголемото злосторство во Европа од Втората светска војна при погребувањето на жртвите, ги измешале нивните коски, со цел да го прикријат злосторот.