Во текот на изминатите 24 часа на подрачјето на Град Скопје сообраќајната полиција изврши увид на вкупно пет сообраќајни незгоди.
Сите пет сообраќајни незгоди се со последица телесна повреда во кои со полесни повреди се здобиле тројца возачи на патничко моторно возило, еден сопатник, еден пешак и еден возач на трактор.
Според евиденцијата на сообраќајната полиција, случени се уште две незгоди со мала материјална штета во коишто е пополнет Европскиот извештај.
Во текот на вчерашниот ден од страна на сообраќајната полиција откриени и санкционирани се 15 возачи кои по различни основи направиле прекршоци при управување велосипед со помошен мотор, мопед и мотоцикл, 24 возачи кои не го почитувале ограничувањето на брзината на движење, од нив 14 возачи се движеле со брзина поголема од 90 километри на час во населено место, пет возачи не ги почитувале светлосно сообраќајните знаци на крстосниците, 14 возачи ги управувале возилата по истекот на сообраќајната дозвола или без возачка дозвола и 10 возачи кои не го користеле безбедносниот појас или го користеле мобилниот телефон за време на управување на возилото.
Со помош на специјалното возило „пајак“ беа отстранети 65 возила кои го попречувале нормалното одвивање на сообраќајот.
Во рамките на сообраќајно воспитните акции, Отсекот за превенција при Единицата за безбедност на патниот сообраќај денеска ќе реализира едукативна поука на тема „Безбедност на мотор“. Едукативната поука ќе се одржи во просториите на Полициската станица од општа надлежност Гази Баба со почеток во 19 часот, на која ќе присуствуваат граѓани учесници во сообраќајот во својство на возачи на велосипеди со мотор, мопед и мотоцикли кои направиле прекршоци по разни основи.
Отсекот за превенција при Единицата за безбедност на патниот сообраќај денеска ќе одржи и едукативни предавања во детската градинка „Пролет“, која се наоѓа на подрачјето на општина Карпош.
За денеска има најава за вонреден настан. Со почеток во 10 часот сите стечајци и технолошки вишок работници во Република Македонија ќе одржат протестен собир пред зградата на Сојузот на синдикатите на Република Македонија. Протестот продолжуваат по ул. „Филип Втори Македонски“ и ќе се движат десно по ул. „11 Октомври“ пред Собранието на Република Македонија, потоа по ул. „Димитрија Чупоски“, десно по ул. „Васил Главинов“ во продолжение по ул. „ВМРО“ и бул. „Илинден“ до пред Владата на Република Македонија. За време на протестот од страна на сообраќајната полиција ќе бидат поставени служби и во зависност од моменталните состојби ќе се преземаат соодветни мерки за физичко регулирање и пренасочување на сообраќајот.