Во еден центар за азиланти во Австралија, десетина жени се обиделе да се самоубијат, со цел нивните деца да останат во државата, пренесуваат австралиските медиуми.
Според пишувањето на „Сиднеј Морнинг Хералд“, оваа невообичаена појава е забележана во центарот за бегалци, на Божиќникот остров, откако жените добиле информација дека наскоро ќе бидат префрлени во Папу Нова Гвинеја или на островот Науру.
Илегалните имигранти кои најчесто пристигнуваат со брод и бараат азил во Австралија, се упатуваат во прифатни центри на пацифичките острови, се додека државата не одлучи за нивното барање.
Австралискиот одбор за човекови права, за „Франс прес“ изјави дека во последните 48 часа има информација за седум обиди и закани за самоубиство, во центарот на Божиќниот остров.
Началникот на општината на тој остров, Гордон Томпсон вели дека мајките се водат со мисла дека нивните деца како сираци ќе имаат поголеми можности да останат на австралиското тло. Конзервативната влада на Тони Аббот, вети дека ниту еден брод со илегални имигранти, нема да застанува покрај австралискиот брег, туку дека бродовите ќе се пресретнуваат на море и ќе се пренасочуваат на пацифичките острови.
Е. Г.