Пет електромобили и десет електровелосипеди од денеска ќе бидат на располагање на градот Скопје со кои граѓаните на Скопје и туристите за 50 денари 20 минути ќе можат да го разгледаат централното подрачје со сите знаменитости.
Ова денеска го кажа градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски кој заедно со директорот на ЈП „Градски Паркинг“ Борче Јакимовски и советниците од градот Скопје ги пуштија во употреба електромобилите и електровелосипедите.
– Денеска сакаме да промовираме еден проект на Град Скопје, а тоа е што поголема употреба на електромобили и електровелосипеди. Неодамна во неделата на енергетска ефикасност на Град Скопје оддадовме повик до фирмите, компаниите и граѓаните да почнат да употребуваат електромобили. За таа цел градот Скопје денеска со ЈП „Градски Паркинг“ кое ги направи сите подготовки за набавка, ги пуштаме во употреба овие електромобили и велосипеди, истакна Трајановски.
Тој појасни дека граѓаните со електромобилите кои ќе ги возат вработени од „Градски Паркинг“ и обучени како туристички водичи, ќе можат да се прошетаат од плоштадот „Македонија“ преку улицата „Македонија“ до Спомен куќата на Мајка Тереза. Од Спомен куќата до Порта Македонија преку мостот „Око“ ќе се оди до плоштадот „Филип Втори“ односно до црквата „Свети Димитрија“ и назад.
Трајановски апелираше до граѓаните кои што ќе ги изнајмуваат велосипедите да ги чуваат и да ги враќаат неоштетени иако тие што ќе изнајмуваат мора да бидат постари од 22 години. Лицата што ќе изнајмуваат електровелосипеди ќе треба да остават лични податоци при подигнување, а изнајмувањето ќе чини 100 денари за еден час.
Работното време за изнајмување ќе биде од 10 до 19 часот. Вредноста на електромобилите изнесува 3,5 милиони денари, на електровелосипедите 500.000 денари.