Во Собранието на Република Македонија денеска седници ќе одржат Комисиите за здравство, за надворешна политика, за прашања на изборите и именувањата, за финансирање и буџет и Законодавно-правната комисија.
На дневниот ред на Комисијата за здравство се предлог законите за изменување и дополнување на Законот за здравствено осигурување и за дополнување на Законот за земање и пресадување на делови од човечкото тело заради лекување, двата во прво читање.
На седницата на Комисијата за надворешна политика отчетни обраќања за вршењето на должноста амбасадор ќе имаат Веле Трпески за Албанија, Стојан Карајанов за Косово, Дарко Ангелов за Унгарија и Никола Димитров за Холандија.
Комисијата за финансирање и буџет ќе расправа за Предлог завршната сметка на Буџетот на Република Македонија за 2013 година со конечен извештај на овластен ревизор, како и за предлог законите за изменување и дополнување на Законот за девизната инспекција, на Законот за супервизија на осигурување, на Законот за финансиските друштва, на Законот за регистрирање на готовински плаќања и на Законот на данокот за додадена вредност, за изменување на Законот за задолжително осигурување во сообраќајот, во прво читање како и за предлог законите за данокот на добивка и за еднократно отпишување на долговите на граѓаните,сите во прво читање.
На дневниот ред на Комисијата за прашања на изборите и именувањата е утврдувањето на предлог одлуките за избор на членови на Комитетот за односи меѓу заедниците, на Буџетскиот совет на Собранието, за избор на претседател, членови и заменици членови на Советот на Собранискиот канал, за изменување на одлуката за избор на претседатели, заменици и членови и нивни заменици на комисиите на Собранието, како и за изменување на одлуката за основање на пратенички групи на Собранието за соработка со други држави.
Законодавно-правната комисија ќе разгледа повеќе предлог законски решенија меѓу кои и за изменување и дополнување на Законот за државната инспекција, на Законот за регистрирање на готовински плаќања, на Законот за супервизија на осигурување, на Законот за финансиски друштва и на Законот на додадена вредност, како и Предлог законот за изменување на Законот за задолжително осигурување и Предлог законот за данок на добивка, сите во прво читање.