Кајакарите од Италија, Германија и Франција беа најуспешните помеѓу 400 натпреварувачи кои изминатите четири дена учествуваваа на Европското првенство во кајак на диви води за јуниори и сениори до 23 години кое се одржа на патеката Матка крај Скопје.
Организацијата, според очекувањата помина во најдобар ред, а признание за тоа стигна и од првиот човек на Европската кајакарска федерација Алберт Вуц.
– Слободно можам да кажам дека ова е едно од најдобро организираните првенства во кајак за јуниори и морам да им честитам на македонските домаќини кои завршија одлична работа. Нека ова биде основа на македонската кајакарска федерација за уште поуспешни остварувања како во јуниорска, така и во сениорска категорија, изјави Вуц на официјалнто затварање на првенството.
Натпреварите во машка конкуренција беа распоредени во три категории К1, Ц1 и Ц2 за јуниори и сениори до 23 години каде најуспешни беа Германците, Италијанците и Русите, додека во женска конкуренција во категориите К1 и Ц1 доминираа натпреварувачките од Чешка. Македонија настапи со седум натпреварувачи.
– Огромна чест е да се добие можност да се биде домаќин на ваков голем настан од европски карактер. Македонија има капацитет, а со ова европско и докажавме, дека можеме да се носиме со европските земји и да бидеме добри домаќини.
Драго ми е што имавме толку многу врвни кајакари изминативе денови и гледавме вистински професионални вештини презентирани од младите луѓе кои се бореа за своите медаљи. Им честитам на европските прваци и им посакувам успешни професионални кариери, истакна престедателот на македонската кајакарска федерација, Марјан Најдановски, кој им додели благодарници на европските преставници, а воедно и доби плакета од европската кајакарска федерација за успешна организација на ова европско првенство.
Следното ЕП ќе се одржи 2015 година во Краков, Полска.