Потпишан договор за соработка меѓу МРТ и БНТ

Од:

Извршниот директор на Македонската радио телевизија (МРТ) Марјан Цветковски и директорката на Бугарската национална телевизија (БНТ) Вера Анкова денеска во Охрид потпишаа договор со кој двете телевизии ги отстапуваат авторските права на своите програми на кабелските оператори во двете држави, за реемитување на програмите.

– Договорот што го потпишуваме е многу значаен не само за нашите две телевизии, туку затоа што отвора простор за надминување на некои други бариери што постојат во јавноста на двете држави. Ние денеска не само што потпишуваме договор за реемитување, туку отпочнуваме соработка меѓу двата национални сервиси на многу полиња, преку архивите на МРТ и на БНТ како богатство што би требало заеднички да се искористуваат, не само при продуцирање документарна програма, туку и во делот на научната соработка што е застапена на нашите програми. Исто така, може мошне брзо да се случи и за отпочнување разговори за некаков вид копродукциска соработка на некои заеднички програмски проекти, истакна директорот на МРТ Цветковски на свечениот чин на потпишувањето на договорот.

Неговата колешка од БНТ, Анкова потсети дека и двата национални сервиси се членки на една од најголемите европски организации – Организацијата на европските јавни телевизиски сервиси, која се темели врз неколку принципи и тоа доверба, партнерство и соработка.

– Основен принцип на нашата мисија е да ги шириме културата и историјата на нашите народи во светот, да ги запознаваме другите со неа, и обратно, да го запознаваме нашиот народ со културно-историските особености на другите. Тоа особено е важно кога се работи за соседни држави. Денешниот договор е пример за надминување на предрасудите, но и основа за отпочнување копродукциска соработка во области за кои двете телевизии имаат зад себе големо искуство, истакна Анкова.

Зоре Темелковски, претседателот на Македонско-бугарската стопанска комора потенцира дека денешниот чин е значаен чекор во низата активности насочени кон јакнење на пријателството меѓу граѓаните на двете држави.

– Со навремени, брзи и професионално подготвени информации во двете држави ќе се зголемува и довербата и ќе се создава благопријатна атмосфера за поголема економска и политичка сорботка, истакна Темелковски.

Александар Чомовски, еден од иницијаторите на идејата за потпишување на денешниот договор, рече дека комплексноста на меѓумедиумската соработка и на отворениот дијалог меѓу јавните сервиси се состои во потребата од нивна програмска кохабитација, односно создавање отворен простор за заеднички програмски, но и копродукциски проекти, со непречено користење на архивите на двете телевизии.

– Идејата беше да се создаде платформа во која новинарите од двете средини ќе продуцираат информации без страст, без политички предрасуди, без историски небулози или стереотипи, туку на веродостоен начин информациите ќе ги трансформираат во позитивна енергија, уште повеќе што генерално граѓаните на двете држави го немаат анимозитетот како што политичарите се обидуваат да го претстават, прецизира Чомовски.

Во Охрид денеска беше потпишан и договор меѓу БНТ и кабелските оператори во Република Македонија, што ќе им овозможи на дистрибутерите на телевизиски сигнали во Македонија бесплатно да ја пренесуваат програмата на БНТ.

Би можело да ве интересира

Инцидент во зградата на МРТВ: Вработен во обезбедување нападнат од колега

Горан Наумовски

Македонската телевизија не се емитува во Бугарија, Ковачевски ќе бара одговор од МНР зошто

Катерина Ѓуровски

Програмскиот совет при МРТ и ЗНМ: На нетранспарентен начин се крати буџетот на МРТ

Ана Ололовска

МАН: Собранието да ги избере новите членови во советите на МРТ и на АВМУ преку постоечкиот закон

Членовите на АВМУ и на Советот на МРТВ да се бираат со 61 пратеник, предложи власта, опозицијата бара 2/3 мнозинство

Габриела Димковиќ-Мишевска

Агенцијата за медиуми со финансиска помош за радиодифузерите, речиси половина милион евра одат за МРТВ

А1он