По повод почетокот на рамазанските пости, претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов упати честитка до поглаварот на Исламската верска заедница во Република Македонија, реис-ул-улема ефенди Сулејман Реџепи, до членовите на Ријасетот и до сите припадници на исламската вероисповед во државата.
– Одбележувајќи го почнувањето на постите за големиот празник Рамазан-бајрам, кој според муслиманските верувања е месец на проштавање, истрајност и посветеност кон верата, верувам дека и годинашново празнување ќе помине во духот на споделување на љубов, милосрдие и добрина, стои во честитката.
Верувањето, како што се наведува, не учи на почитување на верските и духовните вредности и ни укажува на единство меѓу луѓето во духот на меѓуверската толеранција, без разлика на верската, етничката и политичката припадност.
– Од се срце Ви посакувам рамазанските пости да Ви бидат исполнети со хармонија и во радост да го дочекате големиот празник Рамазан-бајрам. На припадниците на исламската заедница во земјава им посакувам фамилијарна топлина, мир и љубов, се вели во честитката од претседателот Иванов.