Промовирани првите десет дела од „Врвови во светската филозофија“

Од:

Првите десет дела од проектот „Врвови во светската филозофија, историја, психологија и психоанализа“ денеска беа промовирани на Филозофскиот факултет во Скопје. Проектот предвидува превод на вкупно 366 капитални дела, со што на македонскиот читател ќе му се овозможи непосреден пристап до идеите и учењата што ги дефинираат светската филозофија, историја и психологија од нивните зачетоци до денес.

На промоцијата присуствуваа премиерот Никола Груевски и министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.

– Владата издвои 133 милиони денари и го почна овој проект кој очекуваме да заврши во текот на 2017 година. Со овој проект ќе се постигне значителен временски скок со кој македонската наука ќе ги достигне стандардите на многу постари и развиени научни културни средини, во смисла на преведени дела на мајчин јазик од овие области, рече Груевски.

Премиерот појасни дека потребата од еден ваков проект се наложувала повеќе децении наназад.

– Уште од 1945 година па се до осамостојувањето на Македонија, во овие три научни области биле преведени сосема ограничен број на дела, како на изворна литература, така и на универзитетски учебници. Освен што биле преведени сосема малку книги, тие биле преведувани пред се на српскохрватски јазик, што од своја страна влече рецидиви до ден денеска кога на некои факултети студентите се во ситуација се уште да учат од разни книги и скрипти на овие јазици, рече Груевски.

Од друга страна, како што истакна, она што било преведено во тоа време било според критериумите на тогашната идеологија, која не оставаше многу простор за т.н. западна научна мисла, особено во областите кои ги покрива овој проект.

Според Груевски, по осамостојувањето на државата се правеле обиди за пополнување на ваквите празнини. На тој план, како што рече, се работело спорадично, недоволно систематски, според одредени лични потреби или пак критериуми на поединци. Тоа, посочи тој, произведе нерамномерна покриеност на поединечните научни области, но и отсуство на стандард на квалитетот на преводите.

Премиерот Груевски потенцира дека изборот на книги е правен внимателно и критички во консултација со бројни домашни и странски специјалисти во секоја од научните области. Тој додаде дека на македонски јазик ќе ги добиеме најзначајните дела од антиката па се до современиот период, како делата на Платон, Аристотел, Кант, Хегел…

Министерката Канческа-Милевска соопшти дека оваа едиција овозможува првпат во нашата интелектуална традиција на еден обмислен систематски и консеквентен начин да се вградат врвните дострели од овие дисциплини во македонската наука, култура и високо образование.

– Овој проект иницира долгорочна мисија на развивање и подигање на нивото на општата интелектуална културна средина, како неопходен предуслов за секој вид општествен напредок, рече Канческа-Милевска.

Таа појасни дека студентите ќе имаат можност преку квалитетна научна литература да бидат во тек со современите научни сознанија, а едицијата ќе ја користат и постдипломците и докторантите на Филозофскиот и на другите сродни факултети од хуманистичките науки.

– „Врвови во светската филозофија, историја, психологија и психоанализа“ се еден од најголемите преведувачки предизвици што воопшто некогаш се поставиле пред нашата јазична и културна заедница. Со него ќе се потврдат и дополнително ќе се развијат македонскиот јазик, неговиот лингвистички потенцијал за артикулација на најсложените нијанси на мислата и значењата на изворните дела, истакна Канческа-Милеска.

Би можело да ве интересира

„Недостиг“, нов роман од Симеон Јанков

„Лиминални простори-лиминални тела“ – проекција на краток филм и изведба на танцов перформанс во Охрид

Доаѓа документарен филм за Елтон Џон: „Приказната што досега не била раскажана“

Предраг Петровиќ

Изложба на дела во Неготино од ликовни уметници од Здружението „Роднокрајци“

Промовиран преводот на македонски јазик на црковнословенскиот „Часослов“ од Јаков од Камена Река

Изложба на Стефан Анчевски насловена „„преВРЗИНО“