Советникот на претседателот на Србија за култура, Радослав Павловиќ оценува во интервју во денешна Политика дека министерот за култура Иван Тасовац е недораснат за својата функција и оти „од културата прави циркус“.
Павловиќ истакнува дека е парадокс што СНП на изборите добиле над 50 отсто гласови, а „министерот Тасовац ги смени буквално сите кадри на СНП во своето министерство и во републичките институции“.
– Значи се враќаме во 2000 година. Го прашувам министерот зошто во институциите доаѓаат милитантни кадри на ЛДП и десното крило на ДС под изговор дека не е важно кој од која партија е? Па, не можете да си играте со парламентарниот систем. Колку што сум јас информиран, тие на изборите загубија, и нацијата рече дека не ги сака, вели Павловиќ.
На прашање за кого станува збор, тој вели дека се работи за пет жени избрани во Управниот одбор на Народниот театар.
– Тоа почнува да изгледа како циркус, ќе заврши како циркус бидејќи самиот министер од културата прави циркус. Недораснат е за својата функција, тој е пијанист кој не свири, вели Павловиќ.
Според него, законите во културата се недоработени, бидејќи секој го наследува претходниот, а заедно со тоа не се придржува до законите.
– Велите дека директорите во историскиот музеј и Етнографскиот музеј се сменети заради истечен рок од една година за вршење в.д. функција. А, самиот Тасовац беше осум пати по една година в.д. во Филхармонијата, изјави Павловиќ за Политика.