Сириските бегалци се глобален проблем, а меѓународните институции не му го посветуваат неопходното внимание, изјави турскиот премиер Реџеп Тајип Ердоган на средба со амбасадорите на земјите од Европската унија во Турција.
Според податоците на сајтот „Ворлд булетин“, преземени од статистиките на ОН, поради контиунираните борби во Сирија од нивните домови се протерани над 6,5 милиони лица во рамки на земјата и приближно 2,5 милиони во соседните држави, пред се во Турција, Либан и Ирак.
– Турција за сириските бегалци досега потроши 2,5 милијарди долари, а меѓународната заедница, особено земјите од ЕУ, не ја укажаа истата помош, подарувајќи едвај 250 милиони долари, посочи Ердоган.
За време на веќе тригодишниот вооружен конфликт во Сирија убиени се над 100.000 лица.
Во Турција има околу еден милион сириски бегалци.