Швеѓаните повеќе ги вознемирува порастот и ширењето на расизмот отколку зголемувањето на имиграцијата во земјата, јави дописникот на МИА од Гетеборг.
Додека 78 отсто од шведските граѓни чувствуваат немир поради ширењето на расистички тенденции и нетрпеливост спрема странците, 49 отсто сметаат дека поголем проблем претставува зголемувањето на бројот на доселеници и бегалци.
Шведска веќе неколку години е на врвот меѓу земјите-членки во ЕУ со најголем прилив на имигранти.
Резултатите од најновите испитувања на јавното мислење се презентирани во рамки на истражувањето што го направи СОМ-институтот при Универзитетот во Гетеборг.
Еден од заклучоците во студијата е дека непријателството и нетолеранцијата спрема странците е нешто што шведските граѓани го доживуваат како заканувачки развој во општетството на најширок план.
– Сепак, сметам оти е мошне јасно дека тоа што ги загрижува Швеѓаните е пред се заострувањето на негативните ставови спрема бегалците и доселениците, отколку загриженоста и немирот поради порастот на бројот на бегалците и доселениците во земјата, вели Мари Демкер, професор по политички систем при Универзитетот во Гетеборг за Шведското радио.