Друштвото за издавачка дејност „Македонска реч“ од Скопје го објави романот „Во очекување на Нобеловата награда“ од македонскиот писател Душко Родев.
Најновиот роман на Родев се надоврзува на неговите претходни романи „Разговори со Дојрански“ и „Светлата иднина почнува утре, најдоцна задутре“. Ја продолжува приказната на главниот лик Дојрански.
„Македонска реч“ информира дека и во овој роман Родев се претставува како раскажувач на човекови судбини, на приказни исполнети со иронија, апсурди, етички деформации, неправди, неисполнети надежи и со тага за празнините во животот…
Душко Родев (1932, Скопје), романсиер, раскажувач, драмски писател и сценарист. По образование е филолог – романист, работел како новинар, слободен репортер, дописник, но и како уредник во издаваштво.
Неговиот роман „Разговори со Дојрански“ беше објавен на македонски јазик две години откако беше објавен на српски јазик. Наградуван е на анонимни конкурси за расказ. За романот „Човекот што ги сакаше калинките“ (2010) ја доби наградата „Роман на годината“ на Утрински весник.