Изложба на Владимир Јанчевски во Скопје

Од:

Самостојната изложба на Владимир Јанчевски „Аномалии“ – Не-дисциплинарни (ест)етички конструкции / Политики и граници на интерпретацијата, ќе биде отворена утре во 21 часот на улица Њуделхиска бр. 6, во Скопје. Изложбата ќе биде отворена секој ден од 19-22 часот, до 28 јуни и е во организација на уметничката група Кооперација, чиј член е Јанчевски. Изложбата „Аномалии“ во основа се занимава со различни аспекти на сложените меѓуодноси помеѓу сликата и текстот, во насока на дефинирање и анализа на граничните позиции и точките на вкрстување на овие два доминантни претставувачки модуси кои се истовремено и комплементарни и спротивставени, но секогаш меѓузависни.

Делата, разработувани наизменично во периодот 2011-2014 година, се конципирани како „дијаграми“ за методолошка разработка на рефлексии кои се однесуваат на вербалното и визуелното, и истовремено се „во постојана потрага по својот дискурс“, наоѓајќи се во меѓузоните на визуелната уметност, теоријата на уметноста, ликовната критика, историско-уметничката херменевтика, критичката теорија, визуелните студии и теоријата на сликата. Една од појдовните точки е тезата дека уметноста, особено по енормната екстензија на опфатот на нејзиониот поим, како модел за не-дисциплинарност, е позитивна и неопходна системска „аномалија“, особено кога се става во функција на демаскирање на општествените не-правилности кои наметнуваат нормативност.

Владимир Јанчевски (1984, Скопје), дипломирал на Институтот за историја на уметноста (Современа уметност) на Филозофскиот факултет во Скопје. Во периодот 2009-2011 година е ангажиран како демонстратор по предметите за современа уметност. Од 2011 година учествува во активностите на Центарот за визуелни студии-Скопје, којшто е дел од Европската мрежа за визуелна култура.Како самостоен истражувач, работи во доменот на современата уметност, теоријата на уметноста и визуелните студии.

Од 2005 година до сега огранизирал повеќе изложби, предавања и дискусии, уредувал публикации, учествувал на неколку научни конференции, а автор е и на триесетина текстови. Во мај 2012 година се приклучува на Иницијатива Кооперација и оттогаш учествува во конципирањето и реализацијата на сите проекти/активности (презентации, дискусии и изложби), а се јавува и како автор на индивидуални и колаборативни дела. Кооперација е самофинансирана група на автори отворени за соработка со други домашни и странски уметници и колективи.

Би можело да ве интересира

„Недостиг“, нов роман од Симеон Јанков

„Лиминални простори-лиминални тела“ – проекција на краток филм и изведба на танцов перформанс во Охрид

Доаѓа документарен филм за Елтон Џон: „Приказната што досега не била раскажана“

Предраг Петровиќ

Изложба на дела во Неготино од ликовни уметници од Здружението „Роднокрајци“

Промовиран преводот на македонски јазик на црковнословенскиот „Часослов“ од Јаков од Камена Река

Изложба на Стефан Анчевски насловена „„преВРЗИНО“