На затворањето на фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“, вчера вечер во Куршумли-ан беа доделени наградите во различните категории. Комисијата во состав Андреа Кун (Германија), Катриел Шори (Израел) и Роберто Блат (Шпанија) одлучи наградата „Кромид“ – за најдобар филм во меѓународната натпреварувачка програма да ја додели на филмот „Откачи!“ (Freak out!) на Карл Јавеер. Во образложението на жирито се вели: „Овој филм. поседува елоквентен приказ на релативно непозната приказна која навистина влијаела на некои идни генерации. Покрај тоа, имагинативната употреба на архивскиот материјал ја поттикна едногласноста на жирито при носењето на конечната одлука.
Исто така, би сакале да го издвоиме филмот „Раселени персони“ на Оса Бланк и режисерот Јохан Палмгрин поради одличната нарација и драматичниот портрет на едно семејно патување меѓу два спротивни света.“
Во име на наградените автори наградите ги прими Јохана Сефстром од амбасадата на Кралството Шведска во Република Македонија.
Жирито за наградата „Млад кромид“: Адмир Чулумаревиќ (БИХ/Хрватска), Анџелка Ненезиќ (Црна Гора) и Владан Петковиќ (Србија) одлучи наградата за најдобар филм на нов автор да ја додели на филмот „Враќање во Xомс“ на Талал Дерки.
Образложение: “Претставувајќи два харизматични лика среде вознемирувачкиот хорор на војната, којашто светот ја посматра, но не ја гледа вистински, и користејќи фантастично динамична монтажа за да ги поврзе крвопролевањето и потресните слики и секвенци,„Враќање во Хомс“ е многу повеќе од филм. Тоа е опипливо реалистично славење на животот во време кога владее смртта.
Во категоријата на нови автори, посебно признание му оддаваме на Младен Ковачевиќ за „Анплагд“. Оживувајќи древна музичка уметност, вадејќи ја од заборав преку приказната на тројцата оригинални протагонисти, режисерот мајсторски ни го доближува своето ритмичко гледање на едно поедноставно време коешто сè уште го живеат емотивните луѓе во бруталното модерно доба“.
Бранко Аврамовски, Лидија Мојсовска и Светислав Подлешанов, сите од Македонија, одлучи наградата „Кокарче“ – за најдобар филм со деца и млади да ја додели на филмот „Среќа“ на Томас Балме.
На „Македокс 2014“ беше доделена Специјална награда за филм со најдобри Етички идеи. Комисијата во состав Ана Јовковска, Братко Бибиќ (Словенија) и Стефан Сидовски одлучи наградата да ја додели на филмот „Јоана“ на Анета Копач.
Образложение: „Филмот е неверојатна визуелна поетика за последните месеци од животот на младата Јоана, болна од неизлечива болест, нејзината релација со семејството и пораките, вредностите и едноставните нешта за животот кои му ги пренесува на својот мал син. Приказната е обработена на суптилен, достоинствен и етички начин. И покрај тешката животна ситуација на главната протагонистка, вешто е избегната тенката граница на патетиката и сензационализмот. Етичката вредност на оваа документарна приказна е и во приодот да му се погледне на животот директно в очи на еден спокоен, радосен и нежен начин и покрај бруталноста на судбината. Личната болка во овој филм во ниту еден момент не паѓа во стапицата на сензационалистичката манипулација на авторот, туку претставува силна морална порака за гледачот“.
Во име на авторката Анета Копач наградата ја прими Јацек Мултановски, амбасадор на Република Полска во РМ.
Наградите ги изработи ликовниот уметник Љубиша Ивановски – Лепи.
Следната активност на Фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“ е Патувачкото кино, кое годинава ќе се одвива во регионот Демир Хисар. Од 16 до 28 август карванот на „Македокс“ ќе овозможи синеастичко доживување во осум демирхисарски села, а ќе тргне од градот Крушево по следниот редослед: Крушево (17 август), Журче (18 август), Жван (20 август), Единаковци (21 август), Слепче (23 август), Смилево (24 август), Бабино (26 август), Сопотница (27 август) и Слоештица на 28 август 2014 година.
Фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“ и Патувачкото кино се поддржани од: Националната фондација за демократија од Вашингтон, Амбасадите на САД, Холандија и на Шпанија во Скопје, Министерството за култура на РМ и Агенцијата за филм на РМ, Градот Скопје и Канцеларијата на ЕУ во Скопје.
А.Б.