Абдилаќим Адеми денеска ја презеде функцијата министер за образование и наука од Спиро Ристовски, кој ќе биде негов заменик во ресорот. Ристовски му посака успешна работа на Адеми и истакна дека во наредниот период ќе соработуваат во реализирањето на тековните и на новите проекти на МОН.
– Посакувам одлична работа, успешна реализација на голем број од проектите и многу успех во секојдневното функционирање на МОН. Во изминатиот период со сиот мој капацитет се заложив максимално да ги реализирам проектите кои беа предвидени во програмата за работа на Владата и верувам дека кај голем дел од грѓаните постои задоволство од сето она што го реализирав, истакна Ристовски, кој успех им посака и на учениците и на сите вработени во образовниот процес.
Новиот министер Адеми, кој досега беше на чело на Министерството за животна средина и просторно планирање, истакна дека образованието е комплексна област. Додаде дека останувањето на Спиро Ристовски во МОН е голема предност за него, бидејќи ќе има континуитет во работатата во Министерството.
– Ќе продолжиме да ја имплементираме програмата на Владата во областа на образование и наука. Тоа што е зацртано е амбициозна програма, бара многу напори, финасиски средства и соработка. Се надевам дека ќе продолжиме и понатаму како со досегашната динамика, рече Адеми.
Според него, одлуките на МОН ќе бидат добро консултирани со јавноста и со сите засегнати страни, со другите институции кои имаат заеднички надлежнисти, а особено со општините, синдикатите и вработените во образованието.