Современа медицинско-лабораториска и информатичко-технолошка опрема доби Институтот за трансфузиологија

Од:

Опрема вредна 400.000 евра доби Институтот за трансфузиона медицина. Дваесет фрижидери за чување крв на плус четири степени, пет фрижидери за чување крв на минус 40 степени, три фрижидери за чување крв на минус 80 степени, пет центрифуги за крвни кеси со ладење, пет инкубатори за плателети со агитатори, како и 33 компјутери, девет лап топи и еден сервер, се ставени во функција во сите регионални центри и станици за трансфузиона медицина во државата.

Средствата се преку ИПА проектот за зајакнуање на системот за безбедност на крв, финансиран од ЕУ.

Вредноста на проектот, чија цел е обезбедување квалитет, ефикасност и континуирана здравствена грижа за граѓаните преку овозможување безбедност на крвта и на компонентите од крвта, е 830.000 евра и се спроведуваше изминатите 15 месеци.

Министерот за здравство Никола Тодоров, кој денеска заедно со шефот на делегацијата на ЕУ, Аиво Орав го посетија Институтот за трансфузиона медицина изјави дека станува збор за прв проект финансиран од ИПА средства во областа на здравството, кој има две клучни компоненти: обука на кадар и градење на систем, како и набавка на опрема за потребите на Институтот.

– Проектот е имплементиран во предвидениот рок и постигнати се очекуваните ефекти кои биле предефинирани на неговиот почеток, истакна Тодоров.

Тој се заблагодари на делегацијата на ЕУ бидејќи поддржале еден ваков проект за зајакнување на системот за безбедност на крв, кој, како што рече, е еден од најважните во здравството и неговото ефикасно и кредибилно функционирање претставува основа за градење ефикасен и кредибилен здравствен систем.

Орав истакна дека многу често ни е потребна крв безбедна за употреба при операции и итни случаи. – Овој проект ќе биде од голем бенефит за сите граѓани, додаде Орав.

Директорката на Институтот за трансфузиона медицина, Емилија Велкова рече дека била извршена едукација на 225 здравствени работници во Институтот.

– Опремата е распоредена во сите регионални центри и станици за трансфузиона медицина и ќе придонесе за подобро обезбедување на здравствената состојба на дарителите, пациентите и на сите граѓани во целост, истакна Велкова.

Потенцира дека воведен е документ менаџмент систем каде ќе бидат ставени сите стандардни оперативни постапки од кои сите вработени во секое време он лајн ќе можат да ги отворат најновите техники на работа за опремата која ја имаат, што, според неа, е многу важно за стандардизирано работење во институцијата.

Објавени се два прирачника со упатства за безбедност и квалитет на крв и крвни компоненти и со стандардни оперативни процедури, а подготвен е и мастер план како појдовна основа на Институтот за трансфузиона медицина за натамошно планирање на активности поврзани со подобрување на интегритетот, сигурноста, квалитетот и финансиската стабилност на институцијата по завршувањето на проектот.

Пред посетата на Институтот за трансфузиона медицина министерот Тодоров и евроамбасадорот Орав на Медицинскиот факултет присуствуваа на завршната конференција за проектот „Зајакнување на системот за безбедност на крв“, финансиран од ЕУ.

Би можело да ве интересира

Времено отстранети двајца доктори од Детска клиника, за кои се води дисциплинска постапка за смртта на 14-месечното бебе

Предраг Петровиќ

Укината забраната: лекарите од приватното ќе може да се вратат во јавното здравство

Катерина Ѓуровски

Зголемување над 60 проценти на болни од Ковид-19, регистрирани 271 случај минатата недела

Предраг Петровиќ

Демири го разреши директорот Шокаровски поради висока смртност на Кардиохирургија

Анита Петровска Рајковиќ

Вработените во здравството ќе протестираат на 8 април, нема да добијат усогласување со минималната плата

Протест на лекарите специјализанти, во тек состанок со претставници на Министерството за здравство