Македонската филхармонија и Младинскиот културен центар информираат дека поради временските услови и најавите за дождливо време, мултимедијалниот спектакл „Види музика, слушни слика, добиј книга“ се презакажува за понеделник, 23 јуни, со почеток во 21 часот. Локацијата останува непроменета, Градски парк.
-Дождливото време и влагата претставуваат проблем за инструментите, поради што принудени сме да почекаме да се подобри временската прогноза за да може оркестарот непречено да ја изведе предвидената програма. Исто така сакаме што е можно повеќе граѓани да уживаат во настанот, а доброто време е предуслов за добра посетеност, изјавува директорката на македонската филхармонија Маја Чанаќевиќ.
Мултимедијалниот спектакл Види музика, слушни слика, добиј книга се одржува по седми пат, и оваа година Македонската филхармонија под диригентската палка на Мартин Пантелеев ќе изведе програма наловена „Со танц низ светот“, а пак на огромни платна покрај сцената својата инспирација од музиката ќе ја пренесат ликовните уметници Менсур Бојда и Владимир Симеонов.
Присутните граѓани ќе добијат и примерок од книгата „Вита Бревис – писмо на Флорија Емилија до Аврелиј Августин“ од норвешкиот писател Јостен Гордер.