Вкупно 22 објекти, меѓу кои продавници, кафулиња и ресторани во турското летувалиште Алачат на Егејско Море, кои беа во сопственост на регионалната управа Измир, дадени се на стопанисување на турската Дирекција за религиозни прашања, објави „Хуриет дејли њуз“.
Одлуката предизвика незадоволство кај претставниците на локалната власт. Тие одлуката ја оценија како обид за „наметнување на определен начин на живот“ и предупредија дека мерката ќе го загрози туризмот во градот.
Општината во Чешме, во чиј регион е Алачат, истакна дека продавниците треба да бидат дадени на стопанисување на локалните власти.
– Да се дадат имотите на Дирекцијата за религиозни прашања наместо на Општината во Чешме е многу иронична ситуација. Ние ќе преземеме правни дејствија, изјави градоначалникот Мухитин Далгач од опозициската Републиканска народна партија.
„Хуриет дејли њуз“ наведува дека 14 продавници продаваат алкохол и во лето работаат до доцна во ноќта.