На 78-годишна возраст почина Елпида Паковска, балерина од Првата генерација на Македонскиот балет, соопшти Македонскиот балет.
Таа е дел од онаа славна ентузијастичка генерација на балетски уметници, која ги постави темелите на танцовата уметност во Македонија.
Елпида Паковска зазема почесно место во Македонскиот балет. Ќе биде запаметена и како човек и како голем уметник, по нејзиниот „Црн Лебед“ на Чајковски, по „Заспаната убавица“, „Жизел“, Јулија, во „Ромео и Јулија“, Шпањолка во „Болеро“, по трите улоги: Билјана, Бисерка и Бугарка во „Охридска легенда“ , Половецка девојка во „Половецки логор“, „Рајмонда“, но и како репетитор во балетските претстави: „Жизел“, „Легенда за љубовта“ и „Мирандолина“.
Погребот на Елпида Паковска ќе се изврши утре во 11.30 часот, а телото ќе биде изложено во капелата на градските гробишта Бутел, од 10.30 до 11.30 часот. В среда во Фоајето на Македонската опера и Балет со почеток во 11 часот, ќе се одржи комеморација по повод смртта на Елпида Паковска.
ФОТО: Вест