Трпчески настапи со Кралскиот ливерпулски филхармониски оркестар

Од:

Македонскиот пијанист Симон Трпчески, миленикот на англиската публика, синоќа настапи со Кралскиот ливерпулски филхармониски оркестар во со денови однапред распродадената концертна сала на неокласичното здание „Сент Џорџ“ во која  Филхармонијата концертира додека не заврши реновирањето на матичната сцена.

Тој освен што заедно со најстариот симфониски оркестар во Велика Британија како солист на пијано ги отсвире Првиот концерт од Шостакович и Увертирата на еврејски теми од Прокофјев, за прв пат настапи и како диригент. На програмата беа и дела од Брамс и Елгар.                        

Како „уметник на престој“, само во последниве 30 дена Трпчески во градот на Битлсите настапи дури четири пати, а во минатата седмица со три концерти со сосема различна програма (рецитал, камерна вечер и оркестарски). Нашиот пијано виртуоз одржа и мастер-класа на Кралскиот колеџ за музика. Големото финале беше токму најновата соработка со извонредниот оркестар кој инаку работи со прославениот шеф-диригент Василиј Петренко, а за чија комбинација со Трпчески британските медиуми не штедат комплименти, нарекувајќи ги „тим од соништата“.

Вчерашните стоечки овации и изведбата на бис на заштитната тема, „Никогаш нема да шеташ сам“ од Роџерс и Хамерштајн, во аранжман на Панде Шахов, секако беа најдобра потврда на несомнениот ѕвезден статус што овде го ужива нашиот пијанист.

– Драго ми е што Македонската радио-телевизија посведочи уште еден историски настан поврзан со мене, овде во Ливерпул каде што се случи моето деби како пијанист и диригент, како завршен концерт во неделата во која бев резидентен уметник во сезоната на Кралскиот ливерпулски филхармониски оркестар. Навистина беше тешко да се комбинираат двете одговорности. Мозокот треба да работи на сите страни, човек треба да биде подготвен и да ја има партитурата во малиот прст, изјави Трпечки за МРТ.

Имав среќа, додаде, што соработував со фантастични музичари, многу колегијални и позитивни на пробите и луѓе кои имаа желба да соработуваат, а многу добро си ја знаат својата работа.

– Водењето на овој концерт на Шостакович од пијанистичкото столче не се случува често, бидејќи партитурата воопшто не е наивна, но заедно и со трубачот и целиот оркестар мислам дека успешно ја раскажавме нашата приказна. Бев многу мотивиран и инспириран. Иако и самиот чувствувам дека имам талент за диригирање, сепак ова не беше моја идеја. Идејата дојде од самиот Оркестар при поканата со неколку концерти да бидам нивен резидентен уметник, кои завршија токму во салата што го носи името на татко ми, нагласи Трпчески.

Исклучителното доживување пред одушевената ливерпулска публика со својот ексклузивен потег го поткрепи и менаџментот на Трпчески – ИМГ Артистс, со пријатното изненадување – само на овој настан претпремиерно беше достапен новиот компакт-диск на „дрим тимот“ во состав Кралскиот ливерпулски филхармониски оркестар, диригентот Петренко и пијанистот Трпчески, а на кој изведуваат два концерта од Чајковски. Официјалното излегување и продажба на ова со нетрпение очекувано издание е најавено за наесен.

Поради големиот интерес за распродадените настапи на Трпчески во Ливерпул, веќе се закажани двата концерта за следната, јубилејна 175 сезона на Кралскиот ливерпулски филхармониски оркестар, кога на 18 и 19 февруари наредната година на сцената ќе им се придружи и шеф-диригентот Петренко. Во меѓувреме, Трпчески и Петренко веќе на стартот на новата сезона во август, ќе настапат заедно со неколку оркестри во Италија, Австрија, Холандија и Норвешка.

Би можело да ве интересира

Изложба на дела во Неготино од ликовни уметници од Здружението „Роднокрајци“

Промовиран преводот на македонски јазик на црковнословенскиот „Часослов“ од Јаков од Камена Река

Изложба на Стефан Анчевски насловена „„преВРЗИНО“

„Ние, луѓето“-премиера

Kонцерт на Џез триото АУМ

Битолскиот театар гостува на фестивал во Врање