Денеска „Македокс“ во знакот на легендарниот Карпо Година

Од:

Програмата на фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“, денеска е во знакот на еден од главните гости на фестивалот, словенечкиот директор на фотографија, режисер и автор Карпо Година. Еве ја денешната програма

10.30 часот, Младински културен центар

Утринско доку-кафе со Матјаж Иванишин

12 часот, Младински културен центар

„Карпо патник“ (Karpotrotter) – Матјаж Иванишин, Словенија

Околу 1970 година, во екот на југословенскиот „Црн бран“, младиот режисер Карпо Година тргнува со камерата на пат низ рамната Војводина, од едно село во друго. И така се случува необичниот „Имам куќа“, филмско шаренило од лица, јазици, обичаи. Четириесет години подоцна, од „куќата“ се останати само фрагменти. Така, еден друг млад режисер тргнува по стапките на младиот Карпо. Но Карпо одбива да се појави во филмскиот портрет за него. Па така, ова е филм за Карпо без Карпо. Вистински омаж за еден неверојатен режисер.

18.30 часот, Куршумли-ан

„Под смоква“ – креативно дружење со Адмир Чулумаревиќ, Џело Хаџиселимовиќ, Анѓелка Ненезиќ, Андреа Кун, Ондреј Каменицки и Мала Малуш Аздари.

19 часот, Младински културен центар

„Југославија: како идеологијата го движеше нашето колективно тело“ – Марта Попивода – Србија, Франција, Германија

ne=me=q-makedox

Филмот се занимава со изведувањето на идеологијата во јавниот простор преку масовни перформанси. Копајќи по архивските видео записи од масовните државни прослави и јавни протести во повоениот период во Југославија, филмот се обидува да одговори зошто граѓаните толку лесно ги заменија социјалистичкиот колективизам, братството и единството, работничките права и бесплатното образование со национализмот и војните, а потоа и со ветувања за слобода и демократија коишто денес се сведуваат на индивидуализам и „див“ капитализам. Изложувајќи го своето лично гледиште на историјата на социјалистичка Југославија, режисерката испитува „како се менувало едно општество изведувајќи се самото себеси во јавниот простор“.

21 часот, Куршумли-ан

„За уметноста на љубовта или филм со 14441 кадри“ – Карпо Година, Словенија

Филмот ја открива апсурдноста на секојдневието на регрутираните војници во СФРЈ, отсечени, според Година, од најрешавачкиот и највозбудливиот од сите видови на постоење: (уметноста на) љубовта!

„Не оставај ме“ – Ниелс ван Коеворден, Сабине Лубе Бакшер – Холандија, Белгија

Во едно село на крајот од Белгија, Боб и Марсел ги споделуваат осаменоста, смислата за хумор и жедта за алкохол. Боб е пензиониран каубој, заљубен во својата слобода и во шумата, а Марсел минува низ семејна драма. Се имаат договорено дека ако нештата тргнат на лошо, ќе се самоубијат и тоа, под Дрвото на животот на Боб. Времето им минува бавно, главно во друштво со чашката. И тогаш, се случуваат Валонскиот карневал, сообраќајната несреќа и неуспешната потрага по синот на Боб. Но овие двајца не се сожалуваат и заедно пребродуваат сè. Еден ден Марсел ќе реши да престане да пие, но Боб одбива да му се придружи. И така тече приказната за смртноста во место каде што се чини дека времето застанало.

23 часот, Куршумли-ан

„Клауструм“ – Џеј Розенблат, САД

Заснован врз веродостојни записи за психоанализи, филмот се занимава со три жени во затворен простор кој е истовремено и прибежиште и затвор. Со други зборови, филмов потсетува на средба помеѓу Дејвид Линч и Фројд.

„Среќни засекогаш“ – Татјана Божич и Александар Гочијан, Холандија

По првата помината ноќ со тазе „уловениот“ маж, лежејќи во креветот, режисерката ѝ шепнува на камерата: „Мислам дека се заљубувам“. Од моментот кога ќе ја сврти камерата кон Рогер, таа не престанува да го снима својот љубовен живот со него. И така, речиси пет години. Снима сè – од првиот бакнеж, медениот месец, сознанието дека е бремена, смртта на мајка ѝ и раѓањето на синот па до ситните домашни караници и сè почестите насилни расправии. Сфаќајќи дека повторно нештата ќе тргнат удолу, Татјана решава да ги посети сите свои бивши партнери и да открие зошто врските пропаднале. Во придружба на добар хумор и доза на самоисмевање, тргнуваме со Татјана на нејзиното емотивно патешествие во Москва, Хамбург, Лондон и Загреб, па сè до нејзиното детство и односот со мајка ѝ, додека таа решително трага по Светиот грал на љубовта: среќни засекогаш.

Целата филмска програма на „Македокс“ можете да ја најдете на ВЕБСАЈТОТ

Би можело да ве интересира

Oтворен повик за петтата генерација „Докуникулци“ на „МакеДокс“

Ана Ололовска

Четвртото издание на МакеКоПроДокс форумот на 13. „МакеДокс“ на 22 август почна со затворена сесија на Балканската мрежа

Ана Ололовска

Отворена изложбата „Спојка“ на почетокот на четвртиот ден на 13. „МакеДокс“

Ана Ололовска

Отворање на 13. „МакеДокс“ на 18 август во Куршумли-ан

Ана Ололовска

Земја во фокус – Чешка на 13. МакеДокс“

Ана Ололовска

Бесплатна филмска проекција за загревање за 13. „МакеДокс“

Ана Ололовска