Бруталното силување на двете тинејџерки повторно покажа колку Индијките се изложени на сексуално насилство. Експертите тврдат дека жените од пониската класа често се жртви на сексуални напади од другите.
Помина кус период од групното силување на две девојчиња од далт, т.н. класа на недопирливите, во малото селце Катра во сојузната држава Ултра Прадеш на северниот дел на Индија. Неколку политичари и владини функционери го посетија семејството на починатите девојчиња за да изразат сочувство и да понудат отштета. Но, ожалостеното семејство одбивало да прифати пари.
Според наводите на полицијата во вторникот на 27 мај, исчезнаа две братучетки на возраст од 14 и 15 години, откако отишле на поле бидејќи во нивниот дом нема тоалет. Идниот ден индиската телевизија прикажа снимки на селските жители: седеле под дрвото од кое на ветерот се нишале телата на девојчињата и не дозволувале на властите да ги симнат мртвите тела додека не се фатат злосторниците. Аутопсијата потоа покажала дека девојчињата прво биле силувани, а потоа обесени. Полицијата следниот ден фатила двајца полициски службеници и двајца мажи од селото. Се уште се бараат преостанатите тројца осомничени.
Во изминатите неколку години имало неколку случаи на силувања во таа азиска земја, но овој случај укажа на поврзаноста меѓу класниот систем во Индија и зголеменото сексуално насилство над жените.
– Може ли да има правда за луѓето од пониската класа како нас? Дали мораме да живееме како животни и мораат ли така да не третираат? – прашува Лилавати, сосед на едно од убиените девојчиња. Таткото на едното девојче неподвижно стоел во аголот на својата полу-урната куќа. Реагирал дури кога дискусијата го покренала прашањето дали правдата ќе биде задоволена во случајот на неговата ќерка. – Двајца полицајци учествувале во нападот. Ги проколнував нивните командири да ги уапсат, но не ме послушаа. Правдата не е за нас. Со далитите се постапува како со кучиња – рече во разговорот за Дојче веле додавајќи дека неговата ќерка може да биде спасена ако полицијата брзо реагирала по нејзиното исчезнување.
Серија групни силувања
Неодамнешните напади го свртеа вниманието на борбата против сексуалното насилство во Индија. Сигурноста на жените се најде во центарот на меѓународното внимание по групното силување и убиството на 23 годишната студентка во автобус во Њу Делхи во 2012 година. Тој инцидент наиде на осуда од меѓународната јавност и доведе до воведување на построги закони.
Во Индија, земја со 1,2 милијарди жители, секоја година се случуваат околу 25.000 случаи на силувања, покажуваат официјалните податоци. Меѓутоа, активистите тврдат дека тој број е пренизок бидејќи жртвите на силување поради притисок од семејствата или полицијата често ги премолчуваат злосторствата.
Статистиката покажува дека жените од најниската класа далит, често се жртви на малтретирања, силување па дури и убиства, а на чинителите поради тоа не им се закануваат никакви последици. Тоа укажува на тоа дека работите не се промениле многу, наспроти фактот дека во Индија силувањето го сваќаат посериозно од порано.
– Целосно е јасно дека доминантните класи се познати по тоа дека со сексуално насилство ги казнуваат жените и девојчињата од класата далит, за да ја покажат својата моќ или едноставно да решат лични расправии – објасни Ранјана Кумари од Центарот за социјални истражувања во разговорот за Дојче веле.
Насилството се темели на класниот систем
Далитите се 21 отсто од вкупно 200 милиони луѓе колку што живеат во сојузната држава Ултра Прадеш. – Жените од класата далит се поизложени на сексуалните злосторници од другите социјални групи. Тие се чувствуваат несигурни и се соочени со структурно насилство – рече Калпана Канабиран, директорка на Советот за социјален развој, на новинарите од Дојче веле. Таа додаде дека класниот систем дозволува таквите злосторства да продолжат без никаква контрола.
Вринда Гровер, адвокат и активист за женски права која била на чело на движењето кое ги заострило индиските закони за силување, смета дека многу малку е направено околу тоа и дека нема промени.
– Погледнете го системското и рутинското сексуално насилство кое го преживуваат девојчиња и жени од класата далит. А некои луѓе сеуште зборуваат дека класите не се важни во Индија. Сите треба да се засрамиме – рече Гровер во разговорот за Дојче веле.