Тековната година е период на зголемување на платите, пензиите и социјалната помош. Во следниот четиригодишен период платите и пензиите ќе бидат зголемени за 21,5 проценти, истакна денеска премиерот Никола Груевски.
Во своето обраќање пред младите на 23-годишната конференција на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, Груевски посочи дека од октомври годинава платите на просветните, здравствените, социјалните и културните работници, полицијата, војската и сите вработени во јавниот сектор ќе бидат зголемени за пет отсто, односно за 21,5 проценти во текот на следните четири години.
Зголемување од 21,5 проценти во следните четири години се планира и на пензии и социјалната помош.
Груевски најави дека ќе продолжи и поддршката за земјоделците за што се планирани по 150 милиони евра секоја година или вкупно околу 600 милиони евра за следните четири години. Потсети дека на првата седница на владата по изборите е усвоен и законот за намалување на ДДВ за сточна храна и адитиви со што директно се стимулира производството на месо и млечни производи.