Затворен 49. Tеатарски фестивал „Војдан Чернодрински“

Од:

Синоќа на сцената од Домот на културата „марко Цепенков“ во Прилеп заврши 49. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.

Традиционално, градоначалникот на Прилеп Марјан Ристески им ги додели наградите на годинашниот фестивал.

Статуетката на паторонот на Фестивалот ја доби најдобрата претстава „Вечната куќа“ од Јордан Плевнеш во режија на Дејан Пројковски, а во изведба на МНТ од Скопје. Статуетката ја прими режисерот и уметнички директор на фестивалот Дејан Пројковски.

Пројковски рече дека е среќен што претставата е победник зашто има симболично значење за Македонскиот народен театар со која се отвори новото здание и тоа се први награди по неговото обновување.

– Јас сум многу среќен како режисер и како уметнички директор што ете со првата претстава успеавме да ги покажеме, прво, квалитетите на зградата, а она што е најважно, комплетниот човечки потенцијал, изјави Пројковски, добитник на наградата за најдобра режија на „Вечната куќа“ .

Претставата е закити со 10 фестивалски признанија: за најдобра главна машка и женска улога, за режија, за текст, за музиката, сценографијата, костимите, за кореографијата и сценските движења и главната награда за најдобра театарска претстава во целина.

За добитникот на наградата за костимографија, Благој Мицевски, работењето на претставата било голем предизвик, зашто се правеле костими за многу луѓе на сцената.

– Тоа беше голем, грандиозен проект, на сите ни беше чест да работиме на него, вели костимографот Мицевски.

Според добитникот за најдобра музика во претставата „Вечната куќа“ Горан Трајковски, компонирањето на музика се одвивало во фази, а големо е задоволството кога човек ќе добие признание за тоа.

– Најинтересна беше првата фаза кога музиката мораше да се усогласи со актерската игра на сцената, изјави Трајковски.

За наградените за најдобри главни улоги во претставата Искра Ветерова и Тони Михајловски е посебно задоволството кога ќе се добие признание од најголемата театарска манифестација во земјава.

– Голема чест ми е бидејќи ова е награда од фелата, вели актерката Искра Ветерова.

– На Фестивалот добивам награда по 12 години. Ми импонира чувството како и за секоја награда, посебно затоа што е ова најпрестижниот македонски фестивал, вели актерот Тони Михајловски.

Прилепскиот театар со претставата „Швејк во Втората светска војна“ доби две награди, за рекламен материјал и наградата за машка епизодна улога „Димче Трајковски“ која ја доби актерот Андон Јованоски.

– Многу сум возбуден, нагардата ја заслуживме, ми се чини, јас и целиот ансамбл кој последниве години ниже многу успеси, изјави Јованоски.

Официјално, Фестивалот синоќа за затворен го прогласи градоначалникот на Прилеп Марјан Ристески кој воедно ги покани сите догодина, на 50. јубилејно издание.

– Се надевам дека уживавте во сите осум фестивалски дена во успешните креации на театарската уметност, во енергијата, посебно, на младите генерации актери. Ве поканувам в година на истото место да се сретнеме и ви ветувам дека ќе се случи театарски спектакл за јубилејното 50-то издание на Театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“, порача Ристески од сцената на Домот на културата „Марко Цепенков“ на затворањето на годинашново фестивалско издание.

На затворањето и во чест на наградените, театар „Комедија“ од Скопје ја изведе претставата „Важно е да се викаш Ернест“.

Би можело да ве интересира

„Недостиг“, нов роман од Симеон Јанков

„Лиминални простори-лиминални тела“ – проекција на краток филм и изведба на танцов перформанс во Охрид

Доаѓа документарен филм за Елтон Џон: „Приказната што досега не била раскажана“

Предраг Петровиќ

Изложба на дела во Неготино од ликовни уметници од Здружението „Роднокрајци“

Промовиран преводот на македонски јазик на црковнословенскиот „Часослов“ од Јаков од Камена Река

Изложба на Стефан Анчевски насловена „„преВРЗИНО“