„Вечната куќа“ на МНТ најдобра на фестивалот „Војдан Чернодрински“

Од:

Претставата „Вечната куќа“ од Јордан Плевнеш во режија на Дејан Пројковски, а во изведба на Македонскиот народен театар е прогласена за најдобра на годинашниот 49. Tеатарски фестивал „Војдан Чернодрински“.

Оваа претстава ги доби и наградите за најдобра режија и за најдобар текст, додека актерот Тони Михајловски ја освои наградата за најдобра машка улога, а Искра Ветерова за најдобра главна женска улога.

Наградата за млада актерка ја доби Дарја Ризова за улогата на Естел Бенвениста во истата претстава.

„Вечната куќа“ ги освои и наградите за сценографија која му припадна на Валентин Светозарев, за костимографија која ја доби Благој Мицевски, за музика за Горан Трајковски, како и наградата за кореографија и сценски движења која ја доби Сташа Зубовац.

-Претставата „Вечната куќа“ е мошне жива. Во неа се решени низа мошне тешки аспекти и ја прави претставата комплетно театарско естетско остварување. На многу инвентивен, креативен начин се искористени сите можности што ги дава современата технологија. Предизвикани се уметнички ефекти кои овозможуваат високо, богато етстетско задоволство. Освен тоа и публиката која дојде од Прилеп беше воодушевена што како жири ни е посебно мило, изјави претстедателот на жири комисијата Васе Манчев.

Наградата за машка епизодна улога „Димче Трајковски“ жирито комисијата му ја додели на Андон Јованоски за улогата на Брендшнајдер во претставата „Швејк во Втората светска војна“ на Прилепскиот театар, а наградата за женска епизодна улога ја понесе Валентина Грамоски за улогата на госпоѓа Елвстед во претставата „Хеда Габлер“ во изведба на битолскиот театар.

Наградата за млад актер  „Трајко Чоревски“ ја доби Атанас Атанасовски за улогата на Хамлет во претставата „Хамлет во пикантен сос“ на театар „Комедија“.

Викторија Рангелова ја доби наградата за современа сценска драматизација за претставата „1984“ на Струмичкиот театар.

За најдобар рекламен материјал на годинашниот фестивал е прогласен материјалот на Владимир Ѓорѓијоски за претставата „Швејк во Втората светска војна“ на Прилепскиот театар.

Наградите ќе бидат врачени вечерва на сцената од Центарот за култура „Марко Цепенков“. Фестивалот ќе биде затворен со изведбата на претставата „Важно е да се викаш Ернест“ во режија на Ирена Стерјовска, а во изведба на театарот „Комедија“ од Скопје.

Би можело да ве интересира

Со доделување на наградата за високо актерско достигнување завршува ФКТ „Ристо Шишков“

Предраг Петровиќ

„Галеб“ од Чехов премиерно во битолскиот театар

Предраг Петровиќ

Тетовски актери наградени за најдобра машка и најдобра женска улога на затворањето на „Фестивалот на фестивалите“ во Требиње

Откажан перформансот „Во моите чевли”, во Сули ан перформанс на Михаил Парушев

Премиера на претставата „Океанија“ покрај струшкото крајбрежје

Во Прилеп завршува МТФ „Војдан Чернодрински“