Шест од седум балерини, кои избегаа кон крајот на минатата недела од познатиот Национален балет на Куба, се појавија вчера на прес-конференција во Мајами.
Балерините на возраст од 21 до 24 години изјавија дека одамна размислувале како да избегаат од својата татковина и разговарале за тие планови со своите роднини и пријатели. Тие се одделиле од танчарската група за време на турнејата во Порто Рико, една од нив останала таму, а другите се упатиле кон Флорида.
Основачот на Кубанскиот класичен балет во Мајами, Педро Пабло Пења на прес-конференцијата изјави дека балерините имигрирале поради потребата од лична слобода и остварување во кариерата. Според него тие можеби нема да направат голема кариера во САД, но сепак ќе бидат подобро платени, отколку во Куба.
Согласно специјален закон на САД бегалците од комунистичката Куба добиваат имиграциски привилегии, како и финансиска помош, за да почнат нов живот.
Ова е второ групно бегство на балерини од Куба во изминатите 12 месеци.
Кубанскиот национален балет, основан од Алисија Алонсо во 1948 година е познат по балетската школа,од која излегуваат првокласни балерини. Трупата чест пати има турнеи во странство, нејзините членови имаат привилегиран живот, но примаат месечна плата од десет до 30 долари.