Шведскиот премиер Фредрик Рајнфелд не сака да ги коментира шпекулациите објавени во некои медиуми дека добил поддршка да се кандидира за иден претседател на Европската комисија, јави дописникот на МИА од Гетеборг.
– Со сите сили што ги имам ќе настојувам повторно да победам на парламентарните избори во Шведска на 14 септември, изјави Рајнфелд за шведските медиуми.
Како домаќин на дводневниот мини ЕУ-самит во премиерската летна резиденција во Харпсунд, Рајнфелд и денеска ќе има разговори со своите колеги од Германија, Велика Британија и Холандија – Ангела Меркел, Дејвид Камерон и Марк Рут.
Според Рајнфелд, изборот на претседател на Европската комисија е прашање за земјите-членки на ЕУ, а не за Европскиот парламент.
Тој изрази уверување дека името на кандидатот за најпрестижната функција во Унијата официјално ќе го соопштат лидерите на ЕУ непосредно пред нивниот самит во Брисел на 26 и 27 јуни.
Во тој контекст Рајнфелд доби поддршка од британскиот премиер Камерон, кој се спротивставува на предлогот за наследник на Жозе Мануел Барозо да биде избран поранешниот луксембуршки премиер Жан-Клод Јункер, за кого, пак, поддршка изрази германската канцеларка Меркел.
Шведски аналитичари оценуваат дека моментно во тек е компромисно пазарење меѓу членките на ЕУ околу разните клучни позиции во европските институции.
Во таа смисла се изразува уверување дека доколку Рајнфилд е еден од кандидатите за претседател на Европската комисија, тогаш тој најверојатно околу тоа се уште не се изјаснил пред своите колеги, туку такво нешто би можело да се случи подоцна.
Таквите претпоставки се поткрепуваат со икуствата дека оние личности кои јавно се изјаснуваат оти ја прифаќаат кандидатурата, наидуваат на сериозно испитување од страна на земјите-членки. Токму затоа, најсериозните кандидати сфаќаат дека е подобро да причекаат додека претходно бидат отпишани некои други имиња од кандидатската листа.