Нови пет скутери за СВР Скопје

Од:

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска денеска од скопскиот градоначалник Коце Трајановски ги прими клучевите за петте скутери, донација за потребите на СВР Скопје. Целта на донацијата е зголемување на мобилноста и ефикасноста на полициските службеници на подрачјето на Град Скопје.

Скутерите се марка СИМ (SYM, Symphony 50 SR), донација од Град Скопје и Јавното претпријатие „Градски паркинг“. За набавката на скутерите „Градски паркинг“ потроши 600 илјади денари.

Трајановски истакна дека донацијата е знак на благодарност за добрата соработка што ја имаат воспоставено со МВР. Појасни дека соработката се одвива преку редовни состаноци меѓу него и градоначалниците на скопските општини со МВР и со СВР Скопје.

Информира дека неодамна имале координативен состанок, на кој се договориле соработката да продолжи. Toj потенцира дека ќе продолжи и соработката меѓу мобилна полиција која ќе биде низ скопските населби и месните заедници.

– Со продлабочување на таа соработка ќе се придонесе за поголема безбедност во Скопје. Со овие скутери ќе се зголеми мобилноста на полицијата, пред се во централното градско подрачје, рече Трајановски.

Министерката Јанкуловска истакна дека на состанокот со Трајановски и со советниците на Град Скопје дискутирале за јавниот ред и мир, за безбедноста на територијата на главниот град и за состојбите во сообраќајот.

Таа потенцира дека од статистиките и аналитичките податоци со кои располага Министерството за внатрешни работи има подобрување и на безбедносната состојба и на состојбата во сообраќајот, како и по однос на нарушувањата во областа на јавниот ред и мир во првиот квартал од годинава во споредба со истиот период лани.

Јанкулоска информира дека зборувале за проектите за заеднички соседски патроли, каде освен припадниците на МВР во соодветните општини ќе бидат вклучени и претставници на локалните самоуправи, секретари на месните заедници, мобилните полициски станици кои, како што рече, се на барање на скопјани за колку што е можно повидливо и почесто присуство на полицијата на секој дел од територијата на Скопје.

– Разговаравме и за проектите кои се однесуваат на специфични возрасни групи, пред се за младите во летниот период. Мора да се опфатат и повозрасните жители на кои им е потребна дополнителна грижа и внимание. Заеднички тимови на општините или на Град Скопје и претставници на МВР ќе ги посетуваат повозрасните граѓани, да се информираат дали се соочуваат со некакви проблеми поврзани со нивната безбедност, со нарушување на јавниот ред и мир, рече Јанкулоска. Додаде дека се договориле сите овие активности да ги реализираат со претставници на Град Скопје и на општините.

Одговарајќи на новинарско прашање, Јанкулоска информира дека полицијата веќе поденела над 60 пријави, дел кривични и дел прекршочни, против лицата кои биле инволвирани во нарушувањата на јавниот ред и мир или во кривични дела поврзани со инцидентите што се случија на територија на општина Ѓорче Петров.

– Вчера е поднесена и последната пријава која се однесува на дополнителни седум лица. Доколку во текот на понатамашната постапка низ истражните дејствија се утврди дека имало и други учесници кои не се опфатени со овие над 60 пријави, постои простор за дополнување на пријавите или проширување на дејствијата против сите лица за кои ќе се утврди дека на бил кој начин биле инволвирани во нарушувањата на јавниот ред и мир или во кривични дела поврзани со инцидентите што се случија на територија на општина Ѓорче Петров, рече Јанкулоска.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Кузеска: Скандалот во МВР со испитниот центар смрди на корупција!

Млада жена се обидела да ја убие бабата на сопругот, поведена истрага

МВР: На ниту еден граѓанин не му беше скратено правото да присуствува на вчерашниот протест во Кочани

Предраг Петровиќ

Скопјанка криумчарела мигранти од Египет

Скопјанец фрлал камења кон полицискиот хеликоптер што полнел вода од Лепенец

МВР: Има намалување во бројот на илегални транзитирања на мигранти низ Македонија