Администрацијата на американскиот претседател, Барак Обама планира повторно да започне „студена војна“ со Русија и тоа преку Србија, пренесуваат српските медиуми.
Една од најважните задачи на НАТО алијансата во наредниот период ќе биде да се спречи зајакнување на сојузот помеѓу Србија и Русија, тврдат извори за „Информер“.
Според наводите, американската администрација ќе изврши притисок врз власта во Белград, државата да влезе во НАТО и на тој начин да ја промени политиката за воена неутралност.
Во случај да биде усвоен „Актот за спречување руска агресија 2014“ американскиот претседател би требало да ја поттикне воената соработка со европските држави, кои не се членки на НАТО, а пред се Србија, која според мислење на американските конгресмени премногу и се приближила на Русија.
Воениот аналитичар, Александар Радиќ вели дека Србија во процесот на евроинтеграција би можела да биде условена со влез во НАТО.
-Државата со влез во НАТО, би потпаднала под некој вид контрола на САД и тоа нашите потези би ги правело предвидливи. Затоа сум убеден дека практично е невозможно Србија да влезе во ЕУ, без претходно да е членка на НАТО. Од друга страна Путин го штити рускиот традиционален простор и ние се наоѓаме во многу незгодна ситуација, вели воениот аналитичар.
Е. Г.