Новата демократска партија (НДС) на Борис Тадиќ и Либерално демократската партија (ЛДП) на Чедомир Јовановиќ изразија подготвеност да разговараат за создавање широк демократски опозициски блок во Србија, како што предложи новоизбраниот претседател на Демократската партија (ДС), Бојан Пајтиќ, објавија српските весници.
Пајтиќ предложи формирање „широк демократски блок“, затоа што, според него, во спротивен случај Србија нема шанси, а разединетата опозиција не влева доверба и не претставува алтернатива.
Речиси сите опозициски партии во Србија сметаат дека има простор за разговори за создавањето демократски блок, пишува весникот „Блиц“, дополнувајќи дека и партијата Заедно за Србија, Лигата на социјалдемократите во Војводина, Новата партија и движењето Живеј за Краина во принцип ја прифатиле идејата на Пајтиќ.
И покрај масовно изразената поддршка од страна на лидерите на опозициските партии, политикологот Владимир Гоати вели дека оваа идеја не му изгледа многу реална, затоа што опозицијата е „џуџе, а власта е исклучително моќна“.
– Тоа може да биде знак на добра волја, но целата историја не ми изгледа реална. Немам впечаток дека клучните лица на опозицијата се за некакво зближување, освен ако тоа не биде под нивно лидерство, рече Гоати за „Блиц“.