Најмалку 33 лица се убиени денеска во Ирак, 18 од кои во напад во Фалуџа, соопштија локалните сили за безбедност.
Фалуџа е град на 60 километри западно од Багдад, кој од почетокот на јануари е во рацете на бунтовниците. Нападот на Фалуџа бил концентриран кон пазарот, општинските згради и околната болница. Во акцијата се повредени најмалку 43 лица. Ирачката армија редовно го напаѓа градот и презема копнена офанзива за враќање на контролата над градот.
Според армијата цел на нападот бил бунтовнички упоришта, додека жителите и активистите тврдат дека цивилните граѓани се први кои настрадуваат.
Минатиот месец „Хјуман рајтс воч“ ја обвини армијата дека во борбите со бунтовниците пушта од воздух експлозиви врз цивилни квартови, со што го крши меѓународното право. Во борбите во Фалуџа вчера загинаа најмалку 22 лица.
Во други делови на Ирак во напади и убиства денеска загинаа 15 лица. Во Искандарија јужно од Багдад две лица се убиени, а три избодени со нож од бунтовници. Причините за нападот се уште не се познати.
Најмалку четири лица се убиени во Багдад и уште шест во провинциите Киркук, Ниневиија и Салах ад Дин.
Над 4.000 лица се убиени во Ирак од почетокот на годината, од кои 900 само во месец мај.