Избрани песни преведени на англиски јазик и опсежна био-библиографија на македонскиот поет и академик Ристо Василевски се објавени во новиот број на индиската книжевна ревија „Инчентин версис“.
Академик Василевски е претставен заедно со добитничката на наградата „Восхитувачки поет“, американската поетеса и професорка по креативно пишување на Универзитетот во Флорида, Сидни Вејд и со поетот Доналд Ревел, добитник на неколку угледни национални награди во САД како „Пушкарт“, „Гертруда Стајн“ и други, издвоен по избор на редакцијата.
„Инчентин версис“ е индиско електронско списание за книжевност, кое е фокусирано на современата светска поезија. Освен поезија, во новиот број на списанието се објавени и критички осврти, есеи и научно-истражувачки трудови.
Ристо Василевски е автор на дваесет и две поетски книги, две книги поезија за деца, два романа за деца во стихови и др. Добитник на повеќе значајни македонски, српски и меѓународни награди. Превел над 50 книги од македонската и српската литература на српски и македонски јазик и застапен е во голем број поетски антологии. Член е на Македонската академија на науки и уметности, Словенската академија за литература и уметност, Меѓународната асоцијација на писатели и публицисти, Друштвото на писатели на Македонија, Здружението на писатели на Србија и на Здружението на литературни преведувачи на Србија.