Македонија оценета како 29 најповолна дестинација за странски инвестиции во светот, во новата листа на угледното американско списание Форин Полиси.
Македонија бележи напредок од 5 места во однос на минатогодишната, прва анализа на ова списание. Индексот, подготвен од економистот Даниел Алтман ги оценува државите според осум категории – предвидениот економски раст, финансиската стабилност, општата безбедност на земјата, нивото на корупција, опасноста од одземање на имотот од страна на државата, експлоатација од локалните партнери, контрола врз текот на капиталот и валутната стапка.
На интернет страницата на Форин Полиси е објавена мапа наменета за странските инвеститори, во која Македонија и Бугарија се истакнуваат како водечки дестинации за странски инвестиции на Балканот, додека Грција која е пласирана на 101 место, е обележана како една од најлошите дестинации во регионот. Романија е на 48 место, Србија е пласирана на 55 место, Словенија е 74, а Турција, поради политичката криза и понискиот очекуван раст, падна на 79 место.
Листата на Форин Полиси особено високо ги вреднува државите кои имаат голем потенцијал за економски раст, па така на првите места на листата, покрај очекуваните Хонг Конг, Тајван, и Катар, се наоѓаат повеќе држави од Африка, како што се Боцвана и Гана, за кои списанието оценува дека се неоткриени пазари за инвеститорите. На последното, 112 место на листата, се најде Венецуела, која се соочува со протести и закана од граѓанска војна, а друштво и прават земји со безбедносни проблеми или хронични економски потешкотии како Аргентина, Конго и Ангола.
Од големите пазари најдобро е пласирана Индија, за која Форин Полиси оценува дека со најавените реформи на новиот премиер Нарендра Моди, оваа земја ќе се отвори за странските инвестиции.
– Идејата на нашиот индекс е да објасниме како сите наведени фактори влијаат врз странските директни инвестиции во текот на следните пет години. Во изминатите 12 месеци некои од проблематичните економии застанаа на нозе, особено во Европа, додека други потонаа во конфликт. Некои ги подобрија своите економски институции – соседите Грција, Македонија и Турција ги засилија правните рамки за заштита на инвеститорите, а блискиот Азербејџан ја засили заштитата на правото на сопственост, пишува Даниел Алтман.
Индексот на Форин Полиси е изработен со комбинирање на податоци собрани од повеќе водечки анализи, како што е Индексот на економски слободи на фондацијата Херитиџ.