Во организација на РЦ за ГР Југ, а по повод десетгодишнината од формирањето на граничната полиција при Министерството за внатрешни работи денес во Кавадарци на фудбалскиот стадион при спортскиот центар Јасмин со манифестацијата – отворен ден со полицијата – на којашто наедно присуствуваа и челните луѓе на МВР, предводени од министерката за внатрешни работи м-р Гордана Јанкулоска и директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР Митко Чавков, беше одбележан јубилејот на македонската гранична полиција.
На манифестацијата граѓаните, како и основците и младите од Кавадарци, Неготино и Росоман имаа можност преку контакти и разговор со полициските службеници да се информираат за се она што ги интересира од доменот на работата пред се на граничната полиција притоа запознавајќи се и со дел од техничките и други средства потребни во секојдневното функционирање на полицијата. Наедно беше изведена и куса показна вежба на Единицата за специјални задачи (спуштање со јажиња од хеликпотер).
Како што истакна министерката за внатрешни работи м-р Гордана Јанкулоска денес во рамки на Граничната полиција при МВР работат околу 1.750 полициски службеници распоредени во четирите сектори за гранични работи (“Север“, “Исток“, “Запад“ и “Југ“).
Од формирањето на граничната полиција во 2004 година, како резултат од преземените реформски зафати во МВР во областа на интегрираното гранично управување, до денес оваа организациона единица на македонската полиција е нормативно, кадровски и технички целосно сообразена согласно стандардите и критериумите на ЕУ.
Граничната полиција има редовна соработка со сите соседните гранични служби, освен со Р. Грција. Односно со сите соседни земји (освен Грција) има размена на информации на сите три нивоа, редовни состаноци и мешани патроли на границите со сите соседни земји; потоа заеднички гранични премини со Албанија и Србија; заеднички контакт центри со Албанија, Србија и Бугарија; како и заеднички операции и обуки на македонската и албанската гранична полиција.
Во периодот од 2004 заклучно со првото тромесечие на оваа година остварени се речиси 132 милиони легални минувања преку граничните премини на Република Македонија, со тренд на континуирано зголемување на бројот на остварен влез и излез на годишно ниво. Притоа, во посочениот период на близу 35.000 странски државјани не им е дозволен влез во Република Македонија, додека пак откриени се и спречени над 17.000 обиди за илегално минување на државната граница.
Само во текот на минатата 2013 година откриени се 1.132 илегални мигранти, а истовремено од страна на граничната полиција откриени се 115 кривични дела од разни области, а притоа, меѓудругото, запленети се и околу 250 килограми марихуана, над девет килограми хероин, околу 30.000 кутии разни марки цигари над 5.000 парчиња шверцувана конфекциска стока, како и значителна сума девизи, евра и франци.
Препознавајќи ја потребата од подобрување на систем на гранична безбедност, како и поради потребата од целосно имплементирање на ЕУ стандардите во областа на граничното работење Република Македонија, односно Министерството за внатрешни работи, пристапи кон крупни реформи во оваа сфера и воспоставување на модерен систем на интегрирано гранично управување, во кој еден од главните столбови е граничната полиција.
Наедно развивањето на овој систем претставуваше и исполнување на дел од предусловите за пристапување во Европската Унија и во НАТО, а имаше значајна улога во овозможувањето на визна либерализација за граѓаните на Р. Македонија.
Првите покрупни чекори во создавањето на нов ефикасен Систем за гранична безбедност беа преземени во 2003 година кога во Охрид, на иницијатива на партнерските организации Европската Унија, НАТО, ОБСЕ и Пактот за стабилност беше одржана „Конференција за гранична безбедност и менаџмент„ на која присуствуваа високи преставници од земјите во регионот. Од неа произлегоа документите „Заедничка платформа за соработка„ и „Патот напред„ кои во следните години претставуваа основа за воспоставување на ефикасен систем за гранична безбедност.
Во текот на 2004 и 2005 година се одвиваа структурните реформи во националниот систем за гранична безбедност, односно се започна со трансфер на надлежностите за обезбедување на државната граница од надлежност на Министерството за одбрана во надлежност на Министерството за внатрешни работи. Во мај 2004 година беше формиран Регионалниот центар за гранични работи ЈУГ и беа префрлени надлежностите за обезебедување на државната граница на делот кон Грција. Процесот продолжи со преземање на надлежностите на делот на државната граница кон Бугарија (01.09.2004 година), и на северниот дел од државната граница кон Србија и Косово (20.12.2004 и 01.05.2005 година). Со преземањето на надлежностите на делот кон Албанија, неколку месеци пред предвидениот краен рок (29.08.2005 година) овој процес беше заокружен и обезбедувањето на државната граница целосно премина во надлежност на Министерството за внатрешни работи.
На 29.12.2005 година со решение на Владата на Република Македонија формирана е Меѓуминистерска работна група за интегрирано гранично управување како носител на активностите за имплементација за ИГУ, која изготви два мошне важни документи – Националната стратегија за Интегрирано гранично управување и Акцискиот план за интегрирано гранично управување. Со Одлука на Владата од 07.04.2006 година Меѓуминистерската работна група прерасна во Национална Комисија за интегрирано гранично управување, со што дополнително се зголеми нејзината ефикасност.
Во рамки на овој процес значителен број на лица (вкупно 1389) од АРМ беа преземни во МВР– гранична полиција, и за сите нив беше испланирана, организирана и реализирана неопходната основна полициска обука. По завршениот трансфер, новоформираната гранична полиција во рамки на МВР на РМ стана надлежна за контрола на вкупно 897,263 километри долгата државна граница на Р. Македонија, од кои 172,846 км кон Бугарија, 256,392 км кон Грција, 186,092 км кон Албанија, 179,441км кон Косово и 102, 492 км кон Србија.
Во согласност со ЕУ стандардите но и заради поефикасно извршување на задачите, граничната полиција има надлежности на целата територија на Р. Македонија и е организирана на три нивоа – централно, регионално и локално. На централно ниво функционира Сектор за гранични работи и миграции кој ги покрива сите области на граничното работење и во чии рамки постојат и Мобилна единица за борба против прекуграничен криминал. На регионално ниво функционираат четири регионални центри за гранични работи, и тоа: РЦ за ГР ИСТОК, со седиште во Делчево и надлежен за гранична контрола на делот од границата кон Р. Бугарија, РЦ за ГР ЈУГ, со седиште во Кавадарци и надлежен за гранична контрола на делот од државната граница кон Р. Грција, РЦ за ГР ЗАПАД, со седиште во Охрид и надлежен за гранична контрола на делот од границата кон Р. Албанија и во мал дел кон Р. Косово и РЦ за ГР СЕВЕР, со седиште во Скопје и надлежен за гранична контрола на делот од границата кон Р. Косово (дел) и Р. Србија. Во состав на РЦ за ГР СЕВЕР е и Прифатниот Центар за странци, лоциран во Гази Баба.
Исто така, во рамки на регионалните центри за гранични работи функционираат вкупно 38 Полициски станици, од кои шест полициски станици за гранична контрола; 11 полициски станици за гранична контрола и граничен надзор; 21 полициска станица за граничен надзор; и едно полициско одделение за граничен надзор.
Полициските станици за граничен надзор се надлежни за надзор на таканаречената „зелена граница„, односно просторот помеѓу два гранични премина, полициските станици за гранични проверки се надлежни за проверки на граничните премини, додека полициските станици за гранични проверки и граничен надзор се надлежни и за проверки на граничните премини и за надзор на „зелената граница„. Ваквата поставеност овозможува поефикасно планирање и употреба на персоналот, во зависност од потребите и тековната состојба на терен.
Во текот на имплементацијата на ИГУ еден од главните приоритети беше континуираното зајакнување на капацитетите на граничната полиција како релативно млада организациона единица, која како интегрален дел од Министерството за внатрешни работи. Овој процес е континуиран и трае до денес, и во негови рамки и со поддршка на останатите структури на Министерството за внатрешни работи непрекинато се работи во повеќе области кои се идентификувани како клучни за ефикасно гранично работење почнувајќи од хармонизација на националното законодавство во делот кој се однесува на граничното работење; обука на персоналот; јакнење на техничките капацитети, и развивање на прекуграничната полициска соработка
По однос на прекуграничната полициска соработка која граничната полиција ја развива со истородните полициски служби на соседните држави е многу висока, а истото се однесува и на соработката со граничните служби на државите од регионот и пошироко.
За жал, исклучок е граничната служба на Р. Грција, со чии претставници односите се коректни но сведени се на минимиум. За разлика од повеќето земји од регионот, без разлика дали се ЕУ-членки или не, Р. Грција не учествуваше во добар дел од регионалните иницијативи и проекти кои се однесуваат на граничната безбедност во регионот. И покрај тоа континуирано од страна на МВР се прават напори на билатерално ниво за подобрување на нивото на соработката и примена на некои од формите на соработка кои се имплементираат со останатите служби од регионот. До надлежните органи на Р. Грција во повеќе наврати се испратени иницијативи за воспоставување на Заеднички контакт центар и создавање на услови за изведување на мешани патроли, но засега нема одговор на овие иницијативи.
Инаку со останатите соседни гранични служби соработка е на многу високо ниво. Само во текот на минатата година реализирани се 404 мешани патроли. Од нив, на делот од д/г кон Р. Бугарија реализирани се 120 мешани патроли, кон Р. Србија – 80 кон Р. Косово реализирани се вкупно 107 мешани патроли, и кон Р. Албанија, реализирани се 97 мешани патроли. Покрај ова моментално функционираат вкупно три Заеднички контакт центри за полициска соработка. Преку два од нив (ЗКЦ Ѓуешево и ЗКЦ Ќафасан) само во текот на 2013 година разменети се вкупно 1444 информации со надлежните органи на соседните држави. Од нив, 709 се предадени, а 735 се примени. Бројот на разменети информации ја потврдува потребата од вакви центри, а очекуваме интензитетот на меѓусебна размена во континуитет да расте.
Кон Р. Бугарија од 2011 година функционира ЗКЦ за полициска и царинска соработка Ѓуешево/ Д. Баир, сместен на бугарска територија. На 17.05.2013 година официјално е пуштен во употреба Заедничкиот контакт центар за полициска соработка Ќафасан, на македонско-албанската граница. Центарот е сместен на граничниот премин „Ќафасан„, на македонска територија. Кон Р. Србија , на 28.12.2013 година, пуштен е во употреба и ЗКЦ за полициска соработка „Табановце„, лоциран на македонска територија на ГП Табановце. Во завршна фаза се подготовките за отворање на ЗКЦ за полициска соработка Д. Блаце со Р. Косово, со што ќе се реализира определбата на МВР на РМ за отворање на по еден контакт центар од ваков тип кон секоја соседна држава.
Исто така една од посложените форми на соработка е функционирањето на заеднички гранични премини. Покрај очигледните предности кои ги има функционирањето на ваквиот тип на премини, како забрзување на протокот на патници и возила, помали финансиски трошоци за функционирање, итн. истото е доказ и за голема взаемна доверба меѓу припадниците на две гранични служби. Во моментов функционираат два заединчки гранични премина, заеднички граничен премин за локален сообраќај „Џепиште – Треебиште„ отворен на 17.05.2013 година на делот од државната граница кон Р. Албанија, и заеднички граничен премин за локален сообраќај „Г. Црцорија – Голеш„, отворен на 07 мај 2011 година на делот од д/г кон Р. Србија.
На 24.06.2013 година на ГП Глобочица потпишана е Спогодба помеѓу Владата на Р. Македонија и Владата на Р. Косово за отворање на нов Заеднички граничен премин „Белановце – Станчиќ„. и во тек се подготвителни активности за создавање на услови за негово отворање. По ЗГП „Џепиште-Требиште„ и ЗГП „Г. Црцорија – Голеш„, ова би бил трет заеднички граничен премин на Р. Македонија но и прв ЗГП за меѓународен сообраќај (претходните 2 се наменети само за локален сообраќај).
Исто така, актуелни се и повеќе иницијативи дел од постоечките гранични премини кон Р. Србија и Р. Косово да прераснат во Заеднички гранични премини.
Како дел од прекуграничната полициска соработка, граничната полиција континуирано го зголемува и учеството во заеднички оперативни ативности. Така, во 2011 година, припадниците на граничната полиција учествуваа во две оперативни активности во организација на Фронтеџ, во 2012 во пет, а во 2013 во вкупно девет оперативни активности (5 беа во организација на Фронтеџ, а 4 поддржани од ДЦАФ). Во рамки на овие операции, наши полициски службеници се распоредуваат во странски држави, но и нашата држава беше домаќин на странски полициски службеници.
Од самото формирање на граничната полиција, прифатен е регионалниот пристап во развивањето на нејзините капацитети. Овој пристап се покажа како мошне успешен, а постигнатите резултати се препознаени и признаени од релевантни меѓународни фактори. Од тие причини, но и од јасната определба Р. Македонија активно да придонесува во регионалната гранична безбедност и понатаму продолжуваме со овој пристап, а граничната полиција и МВР на РМ во целина се дел од повеќето меѓународни и регионални проекти, програми и иницијативи кои се однесуваат на граничната безбедност.