Министерот за образование и наука Спиро Ристовски денеска ги прими Лилјана Матх и Цветанка Нечевска, ученици во гимназијата „Јосиф Јосифовски“ од Гевгелија, кои ја освоија правата награда на 23. интернационален натпревар за истражувачки проекти од областа на природните науки – физика, хемија и биологија за средни училишта, што се одржа во Истанбул.
Како што соопшти Министерството за образование и наука, двете ученички од Гевгелија, под менторство на професорката Ани Костадинова, учествувале на натпреварот по биологија на кој ги бранеа истражувањата од проектот „Заштитен ефект на витамин Е во комбинација со витамин Ц при оштетувања на црниот дроб“, со кој го освоија првото место.
Ристовски им честитал за освоената награда и истакна дека и нашата земја и нашите ученици имаат што да покажат на вакви големи натпреварувања.
– Имаме кого да испратиме – квалитетни ученици, полни со знаење и идеи, кои докажуваат дека нашиот образовен систем е во тек со современите образовни трендови и дека не само што нуди квалитетно теоретско знаење, туку иницира и развива креативност, инвентивност и иновативност. Нека биде ова еден мотив за сите ученици, за сите сегашни и идни генерации да се охрабрат да учествуваат не само на домашни, туку и на регионални и меѓународни натпревари, бидејќи на тој начин се развива натпреварувачкиот дух, се стекнува меѓународно искуство, се развиваат нови пријателства и конечно, секое освоено високо место е лична, училишна, но и победа на Република Македонија, истакнал Ристовски.
Проектот на Лилјана Матх и Цветанка Нечевска бил прогласен за најдобар, во конкуренција на 89 проекти, кои биле избрани во потесна селекција од вкупно 727 кои аплицирале за учество на натпреварот.
Натпреварот се одржал во организација на турската образовна институција МЕФ од Истанбул, а се одржа во периодот од 13 -17 мај.