Трилатерални преговори меѓу Европската унија, Русија и Украина за проблемот со украинскиот долг за гас кон Русија завршија со делумен договор со кој се предвидува Украина до крајот на месецот на плати две милијарди долари на „Газпром“, а до 7 јуни уште половина милијарда долари.
Тоа го соопшти синоќа во Берлин европскиот министер за енергетика Гинтер Етингер по разговорот со рускиот министер за енергетика Александар Новак и украинскиот колега Јуриј Продан.
Етингер нагласи дека од Берлин е упатен повик украинскиот „Нафтгас“ да плати две милијарди долари на руската компанија „Газпром“ во четврток, оваа недела.
Двете земји до среда вечер треба да извршат консултации со политичките лидери и гасни компании, истакна Етингер, додавајќи дека конечен договор се уште не е постигнат.