Во Младинскиот културен центар вечер ќе биде отворен вториот интернационален литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“, кој го организира издавачката куќа „Икона“.
Фестивалот ќе биде отворен со претставување на годинашните учесници: Даша Дрндиќ од Хрватска, Алеш Чар од Словенија, Марио Леви од Турција, Драги Михајловски од Македонија, Слободан Шијан од Србија и Ненад Величковиќ од Босна и Херцеговина.
– Бидејќи се работи за фестивал кој ја слави прозата на балканските простори кои беа погодени од неодамнешните поплави, на отворањето ќе им биде оддадена почит на жртвите во Србија, Босна и Херцеговина и Хрватска со едноминутна тишина, а во присуство на авторите од настраданите земји, соопшти „Икона“.
Писателката од Хрватска Дрндиќ годинава е добитник на наградата „Прозарт” што фестивалот ја доделува на истакнат автор од Балканот за авторски придонес во развојот на балканската книжевност.
За писателите гости ќе говорат уметничкиот директор на фестивалот Александар Прокопиев и членовите на уметничкиот совет Елизабета Шелева и Ермис Лафазановски, а за Драги Михајловски ќе зборува Венко Андоновски, кој го избра македонскиот претставник за годинашниот фестивал.
Во рамки на „ПРО-ЗА Балкан“ утре ќе почне првиот литературен пазар во Македонија, на кој десетина домашни издавачи ќе им претстават повеќе од дваесетина наши писатели на членовите на првата стипендиска програма.
Како што претходно најави организаторот, меѓу нив е светски познатиот литературен скаут Ен Луис Фишер од Велика Британија, која работи за големи издавачки куќи како Пингвин и Рандом хаус Канада.
Во Македонија доаѓа и Сузан Кертис-Којаковиќ, специјализиран издавач за литература од Балканот во Велика Британија, и Лајтес Лусиен, сопственик на „Унионсферлаг“ од Цирих, кој издава книги во превод на германски јазик.