Автор на книгата раскази во ракопис „Бунар“, која ја доби наградата „Ѓорѓи Котевски“ од Конкурсот за необјавена книга раскази на Советот на Пелагонските културни средби – Новаци, е Елена Ѓорѓиевска-Костадиновиќ (1981) од Битола, соопшти организаторот на конкурсот.
Таа дипломирала на Педагошкиот факултет на Универзитетот „Св. Климент Охридски“. Организатор е и водител на радиоемисија на Универзитетското радио УКЛО ФМ – Битола. Пишува поезија, проза, критика и есеј и слика во техника масло на платно.
Добитник е на наградата „Владимир Костов“ за расказ, што ја доделува БИТЕФ-Битола, и на награда од конкурсот за расказ на Организацијата на жени. Авторка е на поетската книга „Прегратка од стихови“, а во печат е нејзината втора книга поезија „Стрела кон невидливото“.
Наградениот „Бунар“ е нејзин прв прозен ракопис. Одлуката да ја добие наградата „Ѓорѓи Котевски“ едногласно ја донесе жири, во состав: Петре Димовски (претседател), Весна Мундишевска-Велјановска и Кире Неделковски (членови).
– Овој ракопис се издвојува со длабоката инвентивност, вештото градење на книжевниот свет со прелевањето на имагинарното и реалното, каде раскажувањето тече лесно и ненаметливо, со една успешно воспоставена комуникација со читателот. Тоа е ракопис кој испитува, преиспитува, прашува, открива, создава, осознава… Овде филозофските размисли се поставени во форма на дијалог за животот во кој се испреплетени страдања, состраданија, човечки судбини, просторно неозаглавени реалности и фантазии…, оцени жирито.