Шеесет и пет учесници од шест држави, Словачка, Австрија, Германија, Бугарија, Србија и Македонија се дел од четвртата меѓународна кајак регата, која денеска стартува од Велес по реката Вардар. Целта на регатата е во Солун.
Манифестацијата се одржува во чест на сесловенските браќа Свети Кирил и Методиј.
Учесниците четири дена со кану чамци, рекреативно ќе ја минат реката Вардар во должина од 190 километри, од кои 120 километри се во Македонија, а остатокот во Грција. Планирано е учесниците на регатата по Вардар во недела попладне да стигнат до Солун. Учесниците на регатата во текот на неколкуте етапи ќе спијат близу локалитетот Стоби, во Демир Капија и близу Гевгелија.
Александар Коцев од параглајдерскиот клуб „Аквила“ кој е организатор на регатата во Македонија појасни дека оваа регата е специфична по тоа што учествуваат луѓе кои возат и по многу потешки патеки. Таа, како што рече, нема натпреварувачки карактер, туку туристички.
– Се вози во кајаци, нема сплавови, моторни чамци, туку само во овие спортски пловила кајак-кану чамци. Ова е во согласност со светските стандарди и веќе трета година по ред сме дел од светскиот календар со ист датум -24 мај и иста локација – реката Вардар, појасни Коцев.