По повод Меѓународниот ден на културната разноликост на ОН и УНЕСКО, Друштвото на писателите на Македонија донесе декларација во која се вели дека културните политики и стратегии треба да водат кон афирмација на спецификите на различните ентитети кои го градат големиот мозаик на вредности како цивилизациска придобивка на современиот свет.
– Културната разноликост е богатство на светот и таа секогаш може и треба да биде повод и стимул за интеркултурен дијалог и соработка на народите од сите меридијани. Уважувањето на особеностите на културите и јазиците, кои се стожерни елементи на идентитетот на различните народи, писателите го истакнуваат како основа за генерирање на новите идеи и вредности преку пишаниот збор. Мисијата на литературата и културата во меѓународните релации е значајна во истакнувањето на спецификите но и за неутрализирање на можните негативни последици од процесот на глобализација на светот. Ова сознание треба да се има во превид во градењето и практикувањето на стратегијата за афирмација на македонските културни вредности надвор од земјата, стои во декларацијата на ДПМ по повод Меѓународниот ден на културната разноликост на ОН и УНЕСКО.