Издавачката куќа „Дијалог“ во рамки на едицијата „Синтези“ деновиве објави нова стихозбирка од Христо Петрески, под наслов „Точка, запирка“.
Книгата содржи 100 песни во кои авторот ја тематизира урбаната атмосфера и психологијата на човекот во лавиринтите на градот, но и самата поезија како поле за истражување на планот на јазикот, структурата и композицијата.
Писателот Веле Смилевски во рецензијата, меѓу другото, пишува: „Оваа книга ја означува зрелата творечка фаза на поетот Христо Петрески, нудејќи високо култивирани и естетски облагородени поетски доживувања и медитации. За овој автор со посебен темперамент, загледан длабоко во светот во себе, песната е шепот на големите вистини за духовните релации на постоењето.“
Христо Петрески има објавено голем број поетски и прозни дела и е добитник на повеќе од 20 книжевни награди во Македонија и во светот.