(ВИДЕО) Тихомир Топузовски: Институциите од културата се хиперкорумпирани

Од:

Првиот проект во Мобилната галерија во Паркот на франкофонијата, „10 минути протест“ на Тихомир Топузовски, предизвика жестока дебата меѓу учесниците и публиката. Топузовски во мобилната галерија изложи табли со протесни пароли.

– Институциите од културата се хиперкорумпирани затоа е легитимно да се делува вонинституцинално со протест. Нема уметност што е политички невина, вели Топузовски за А1 он.

Неговиот концепт е да го преиспита местото на уметникот во комплексната општествена ситуација. Дел од изложбата на Топузовски беше и дебатата на која учествуваа Искра Гешоска, Роберт Алаѓозовски, Жарко Трајаноски, Никола Гелевски и Гордан Георгиев.

Модератор беше авторот на проектот, чија идеја е со изложбата на протестни пароли и дебатата да се дискутира за можностите за зголемување на демократскиот простор и граѓански права преку уметнички проекти и иницијативи.

-Дојдени сме до дејствителна и дискурзивна точка на испразност. И протестот е дел од општестовото на спектаклот. Она што ни преостанува е да бидеме будни сведоци на сегашноста за идно дејствување. Треба да се бориме против фасадната култура, време е за конфронтација – не за преговори, бидејќи ова е време на опсада, рече Искра Гешоска.

Според неа, потребата со комфор и сигурност е препрека за отпор кон погубните културни политики на власта, но, во таа борба потребна е стратегија и знаење. Според Никола Гелевски и навидум малите субверзивни акции се значајни во борбата за промени во општеството

-Ја преминавме границата на катастрофалното затоа што долго трае оваа наша состојба. За да ја објаснам нашава состојба ќе го користам терминот – инверзија. Така на пример паролата „Заењето е моќ“, всушност значи сосема обратното, како кај Орвел. Уметникот не треба да биде гадлив, слично како хемичарот или како лекарот и треба да се занимава и со најлошите, најдолните работи во општеството, рече Гелевски.

Жарко Трајановски наведе примери кога активистичките акции, всушност можат да се гледаат како уметнички перформанси.

– Јас не сум теоретичар, туку сум уметник и сум инспириран од Гоце Делчев и неговиот уметнички и активистички апокрифен принцип а тоа е – Пари нема – дејствувајте! Јас признавам само таква уметност, која делува по тој принцип, рече Трајановски.

Роберт Алаѓозовски рече дека уметниците се однесуваат се како јагнињата што стивнуваат кога одат на колење.

– Факт е дека имавме многу акции на протест, многу од нив и уметнички како на пример златната тоалетна шолја и други, но мојата дилема е дали тоа доволно, рече Алаѓозовски.

За Гордан Георгиев насловот на изложбата „10 минути протест„ е ироничен.

– Мене ми е драга оваа иронија во насловот на Тихомир, бидејќи го отсликува нашиот контекст, на секој индивидуално и на некоја наша заедница. Мислам дека радикалната левичарска критика во моментов во Република Македонија нема никаква исходишна точка, таа си е цел сама по себе и таа не носи кон нужни промени и победа на противнико, рече Георгиев.

Тој повика на консолидација за конечна победа на погубните политики. Имплементацијата на проектите во Мобилна/Монтажна Галерија на Центарот за современи уметности се поддржани од Проектот на УСАИД за граѓанско општество, кој го реализира Фондацијата Отворено општество – Македонија.

А.Б.

Би можело да ве интересира

Изложба на дела во Неготино од ликовни уметници од Здружението „Роднокрајци“

Промовиран преводот на македонски јазик на црковнословенскиот „Часослов“ од Јаков од Камена Река

Изложба на Стефан Анчевски насловена „„преВРЗИНО“

„Ние, луѓето“-премиера

Kонцерт на Џез триото АУМ

Битолскиот театар гостува на фестивал во Врање