Поплавите во Србија досега однесоа пет жртви, во временската непогода каква што не се памети досега. Премиерот на Србија, Александар Вучиќ прпгласи вонредна ситуација во целата земја и порача дека нема плачење, туку да се преземе се’ за да се спасат граѓаните на Србија.
-Ова е најголемата катастрофа каква што не се памети во Србија. Никој не може да ја победи водата и огнот, и затоа е најбитно да ги зачуваме животите на луѓето, рече Вучиќ.
Освен поплавите, во одделни области се појавија и силни ветрови кои корнат покриви и дрвја. Обилните врнежи го полавија целосно и Ниш, каде улиците се претворени во реки.
Српскиот премиер Вучиќ ги откажа сите обврски и со хеликоптер замина во градовите Коциљева и Уб и заедно со надлежните екипи да ги спасува животите на граѓните. Во Ваљево досега се евакуирани 100 луѓе, а градот е отсечен од околните места.
Скоро сите мостови се затворени за сообраќај поради излевање на реката Кулубара, а сообраќајот тешко се одвива и во центарот на Ваљево. Воведени се рестрикции и за користење на вода.
Евакуација на граѓаните започна од 4 часот наутро, а екипите од Одделението за вонредна состојба се постојано на терен. Градот Лесковац го зафати „торнадо“.
Силниот ветер урна една куќа и оштети 15 други куќи и преку 20-тина објекти кои се наоѓале во близина. Дел од куќите останале без покрив и без прозори. Силниот ветер успеа да откорне и неколку големи дрвја од земјата.
Секторот за вонредни состојби при Министерството за внатрешни работи на Србија ги отвори дежурните контакт телефони за евакуација и помош на граѓаните во поплавите на територијата на Србија.
На ниво на цела Србија, досега се евакуирани преку 500 граѓани, а 100 илјади домаќинства се без струја. Наставата не се одржува во повеќе од 400 училишта. Проценките за штетите од поплавите изнесуваат неколу милиони евра.