Чешкиот премиер Бохуслав Соботка, кој учествува на Меѓународниот безбедносен форум ГЛОБСЕЦ во словачкиот главен град Братислава смета дека земјите од Вишеградската група (В4) треба да ја зајакнат соработката во одбранбената политика, пренесоа чешки медиуми.
За безбедносен столб на Централна Европа, Соботка ја смета Северно-атлантската алијанса, додека некои држави, според него, сепак повеќе се концентрираат на странски мисии и не посветуваат доволно внимание на обезбедување на територијалната одбрана.
Соботка признава дека одвоените трошоци за одбраната опаднаа и во Чешка и вети дека неговата Влада ќе се обиде во иднина тоа да го поправи, јави дописникот на МИА од Прага.
– Настаните во Украина докажуваат дека безбедносната ситуација во Европа може брзо да се менува, додаде чешкиот премиер. Тој оцени дека во иднина освен заедничка војска како што е планирано, земјите на В4 (Унгарија, Полска, Словачка и Чешка) треба да соработуваат заеднички и за воена опрема, воени вежби, едукација и набавки.